Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на годинашниве „Прличеви беседи“, утре ќе биде промовирана монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“.

Промоцијата ја организира Општина Охрид, а за монографијата ќе говори проф. д-р. Димитар Пандев. Монографијата е во издание на Поетска ноќ од Велестово и ПНВ Публикации – Скопје, а ја подготви Славе Ѓорѓо Димоски. Покрај текстуалниот дел богато е илустрирана со фотографии кои хронолошки го претставуваатнејзиниот развој во изминатите три децении.

Манифестацијата претставува антологиски пресек на македонската поезија и сликарство. Во изминатите 30 години на Поетската ноќ во Велестово беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Јован Котески, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Раде Силјан, Веле Смилевски, Ристо Василевски… до најмладите, а меѓу сликарите учесници беа: Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски,Газнафер Бајрам, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Емил Шулајкоски…

Во монографијата е опфатен антологиски избор со по една песна од досегашните пртеставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски.

Бидејќи манифестацијата има и меѓународен карактер, претставен е избор на досегашните поети-странци кои биле учесници, а доаѓале од: Ирска, Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка…

Во своето постоење манифестацијата две свои јубилејни изданија (на 25-тиот и на 30-годишниот јубилеј) посвети на поновата македонска поезија и по тој повод објави книга, а во монографијата се претставени сите со избор од нивната поезија.