Ограничен број актери, ограничено време, публика… Ова се дел од рестриктивните мерки од протоколот за работа на театрите. Пандемијата ја ограничи и уметноста на штиците

Tермини за проби во работни денови во попладневните часови, најмногу во траење од три часа. Општотехничките служби ги подготвуваат сите потребни активности за почеток на пробата или претставата. Го напуштаат театарот пред да влезе екипата во просториите на театарот. Членови од екипата задолжена за пробите и изведување на една претстава не може да учествуваат во екипа за други проби и претстави, кои би се изведувале во истиот период.
За време на пробата/претставата не им е дозволен влез на вработени што не се членови на ангажираната екипа. Во контролните кабини за тон, светло и видео не е дозволено присуство на повеќе од едно лице. Костимите се доставуваат до гримиорните пред да влезат актерите во објектот. Се препорачува актерите сами да ја нанесуваат шминката и да побараат непосредна асистенција само во исклучителна ситуација. Непосредно пред почетокот, како и за време на претставата, актерите и суфлерот се ослободени од обврската за носење маска…
Ова се некои од рестриктивните мерки од протоколот за работа на театрите.
Ограничен број актери, ограничено време, публика… Пандемијата ја ограничи и уметноста на штиците.

Ивица Димитријевиќ е еден од актерите што работат под протокол периодов. Ангажиран е во претставите „Говорна мана“ и „Кец на десетка“, која е на репертоарот на МНТ. Вели дека целата ситуација со ковид-19 зададе сериозен удар врз театарската уметност.
– Како што веќе знаете, по почетните рестриктивни мерки, кога театрите беа буквално затворени за публика, сега полека се враќаме на сцена. Разликите се очигледни, публиката според протоколот е лимитирана, дозволено е само 30 отсто од вкупниот капацитет на театарот. На сцената нема некоја разлика помеѓу нас актерите, затоа што според истите тие протоколи ние сме тестирани и се тестираме на одреден период, во зависност од тоа колку играме и колку од нас играат во различни претстави. Но имаме лимитиран број актери што може да бидат на сцена, а тоа исто така се однесува и за пробите, претставите со повеќе од пет луѓе во каст во овој момент се стопирани – вели Димитријевиќ.
Освен претставите што ги игра на тековниот репертоар во Македонскиот народен театар, ангажиран е и во меѓународниот проект „Хорски проект“, кој е во завршна фаза, во кој учествуваат со дел со претставата „Орестија1/4“ на МКЦ. Со „Орестија1/4“ на почетокот на октомври имале гостување во Грац, Австрија, како дел од фестивалот „Стеришер хербс“.

– Севкупната атмосфера во која живееме дефинитивно се одразува на секого и на сѐ. Сведоци сме на многу аномалии на системот, кои претходно можеби поуспешно се затскривале, но пандемијава успеа да ги исфрли на површина. Играњето со лажни вести, неточни и полуточни информации, само ја отежнува и така тешката состојба во која се наоѓаме, плус комплетната поделеност на (целото општество) сите по секоја основа. Тоа прави секогаш да одиме еден чекор напред, три назад, како тој чекор од нашиот фолклор да е запишан во нашиот ментален код. Но не само за играње оро туку и речиси за секое наше дејствување – додава Димитријевиќ.
Жарко Димоски исто така е ангажиран во претставите во театар „Комедија“.

– Да се „глуми“ е секогаш исто, но сепак тоа што ние го правиме покрај тоа што „глумејќи“ си ја чистиме душата, истото тоа го правиме и за публиката, што во време на пандемија речиси и ја нема во салите. Откако почна сето ова, сме одиграле неколку претстави пред ограничен број публика, односно со 30 проценти капацитет во зависност од салата. Што да кажам, барем јас лично секогаш се вложувам максимално, дали тоа било за еден човек, за сто или за 1.000 луѓе, но реакцијата што ја добиваме назад не е иста. Со надеж дека сето ова наскоро ќе заврши, да си посакаме што побрзо полни сали и пред сѐ многу дружба – вели Жарко.
Додава дека рестриктивните мерки од актерите бараат строга дисциплина.
– Нема што многу да се говори за тоа. Стандардните протоколи важат и за нас, а тоа е малку тешко во театар каде што без другиот на сцена е речиси невозможно да се постои – додава Димоски.