Александра Петрушевска Ристовска, визуелна уметница 

Новите дела на визуелната уметница Александра Петрушевска Ристовска, слики со празни простори што ги создава од лани, како да ја предвидоа празнотијата што излезе на површина со корона-кризата. И како професорка на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет, таа во овој период продолжи да соработува со колеги од странство, па на 18 септември ќе учествува на изложба во Истанбул. Таа вели дека „сите ние ја делиме истата празнина од овие простори, но речиси никогаш не се сретнуваме на тие места“.
Александра Петрушевска Ристовска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде што и магистрирала графички дизајн. Добитничка е на неколку меѓународни награди и резиденции меѓу кои е и златниот медал за сликарство на Франкофонските игри и натпревари во областа на културата и уметностa, кој ѝ е доделен во Бејрут во 2009 година

Вашите нови дела, слики со празни простори од повеќе познати јавни објекти во Скопје, одреден период за време на пандемијава привлекуваа заслужено внимание на Фејсбук. Овој циклус го започнавте лани во април, пред корона-кризата. Сликате ли сѐ уште такви дела, планирате ли изложба со нив и која е нивната приказна?
– Сѐ уште работам на сликите и полека се доближувам кон заокружувањето на целиот процес. Објектот на „Мала станица“ е еден од оние простори каде што можам да ги вклопам сликите и да го доловам амбиентот. Изложбата ја одложив за следната година во договор и соработка со Националната галерија на Македонија. Импулсот за анализа на овие празни простори се појави многу одамна, но во различна форма преку мисловно и фотографско истражување. Минататa година целиот инкорпориран материјал започнав да го ставам на платно со традиционален израз. Дел од сликите ги споделив на социјалните мрежи каде што многумина го делеа мислењето за носталгијата кон оптимизмот, кој постоел во минатото не само од Македонија. Во меѓувреме се случи нова ситуација со корона-кризата каде што празнините од сликите добиваа нов концепт за оние што ги гледаат. Празниот простор ми отвора прашања од повеќе аспекти, социјални, општествени и лични. Кога се наоѓате во тој простор очигледно се вклучени и други сензации како мирисот, звукот, светлото, времето, исто како во некоја театарска сценографија… И од оваа позиција се прашувам каде и како понатаму?

Празните делови од Железничката станица во Скопје, НУБ „Свети Климент Охридски“, Кинотеката, ГТЦ, хотели, базени, факултети… меморираат постоење на град чии жители со години се соочуваат со неизвесноста од општествените трансформации. Како ги доживувате вие објектите на кои им давате нова димензија?
– Пред сѐ, би сакала да ја изразам мојата голема благодарност и почит кон сите институции што излегоа во пресрет со нивното големо разбирање, гостопримство и верување од нивна страна дека не сум таму да го искористам просторот во негативна конотација. За време на овие две години, преку интересот кон празниот простор, запознав многу прекрасни луѓе што несебично ги делеа сопствените ставови и искуства поврзани со одредени места, а секое од нив има своја специфична тежина. Сите ние ја делиме истата празнина од овие простори, но речиси никогаш не се сретнуваме на тие места. Процесот на градењето дело е неизбежна проблематика, која остава простор за нејзино разгледување од различни позиции и контексти. Прогресивниот пристап е втемелувачки елемент во човечкото битие и тоа е оној супстрат, кој го придвижува во насока на достигнување идеални услови, но практичната имплементација често се спротивставува со својата деструктивна природа.

Од која перспектива сметате дека треба да се гледа на празнотијата, на нејзиниот нем говор, на амбиентот што го создава?
– Објектите што ги гледаме сега најчесто иницираат носталгично чувство од причина што во исто време не се, но и се променети. Таа идеализирана меморија, која приближно се објаснува како најискрен момент во нашето постоење, претставува уникатна уметничка структура што за секоја индивидуа претставува интимно катче, фрагмент од приватната, сопствената и личната меморија. Овој „феномен“ на навраќање во минатото го сретнуваме кај многу автори, но не само во идеализирана форма, туку со претстава на истото тоа во различни теории и вредности. Во оваа ситуација се определува со уметнички облик, визуелен запис, а тоа е одраз на минатото. Доколку се промени точката на перцепцијата, би било возможно да се имплементира и нова визија. Повеќе размислувам во насока на планирање на нови можности на она што веќе постои во денешниот изглед. Што и дали сме научиле нешто од сето тоа? Желбата е да ја препознаам убавината што не е само физичка во тој простор, но има свој карактер и тежина со функцијата што ја имала, сметам дека не треба да се гледа како завршена. Една од поважните проблематики во визуелниот јазик била теоријата на формата, бојата и светлината од визуелен и од научен аспект.

Ве изненадија ли снимките од празните градови низ светот, кои се појавија со епидемијата? Со своите дела како да го предвидовте тоа…
– Животот стана премногу брз за многумина. Наспроти целата брзина во денешницата постоеја и постојат овие места каде што имам чувство дека времето застанало. За жал, таа празнина можевме сите да ја доживееме со сета нејзина непријатност и страв. Непријатно е чувството од вревата и метежот што ги создаваме, но уште понепријатно и чудно е кога е празно подолг период. За време на пандемија нашиот фокус е генерално насочен кон личното здравје и заштита. Сѐ друго станува неважно. Живеејќи го овој револуционерен општествен пресврт, се јавуваат нови дилеми во трагањето по својот идентитет, при што се создаваат јасно определени суштински цели според динамиката што ни ја наложува новата ситуација.
Предавате дигитална уметност, дигитално сликарство и фотографија. Какви ви се досегашните искуства со онлајн наставата иницирана од корона-кризата?
– Онлајн наставата има свои големи предности и одредени дефицити. Секако дека физичката интерактивност е незаменлива во многу сегменти од образованието и културата, но благодарение на ефикасното приспособување на универзитетот кон новите услови за онлајн наставата, предавањата се одвиваа тековно. Во мојот случај имаше видливи резултати по предметите како дигитално сликарство, дигитална илустрација и дигитална фотографија. Во овој сегмент многу студенти се надминаа себеси во техничкото и мисловно обликување, а се промени и начинот на комуникација, која се одвиваше исто така надвор од термините за часови и консултации. Со самиот факт дека сите делиме ист проблем извесно време, се менуваат концептите и фокусите на веќе одредени, воспоставени системи во образованието.

Продолживте ли и покрај затворањето на границите да контактирате со уметници од странство, да работите можеби на заеднички проекти?
– Некои планови и проекти се откажани или, пак, одложени, но полека ќе се вратиме на старите навики со исти или изменети ставови. Една од соработките што ќе се реализираат е изложба во Истанбул, чие официјално отворање ќе се случи на 18 септември.