По повод светскиот ден на музеите Музеј-галеријата во Кавадарци вчера ја приреди изложбата со наслов „Ризница на музејски експонати“ со која ѝ овозможи на јавноста да види избор на уметнички дела и вредни експонати кои сведочат за богатото исторско и културно наследство во кавадаречко, кое е депонирано и заштитено во депоата на музејот. На изложбата се застапени експонати од сите музејски одделенија, а изборот го направија: Билјана Галабова, Трајче Цветков, Елизабета Ристова, Марија Михова, Натка Китева и Раде Атанасов.
Особено интересна беше малата иконографска поставка со неколку црковни книги од богатата збирка на музејот која брои 125 предемети. Колекцијата опфаќа 45 икони, епистил-Деизис со апостоли, епистил со големите празници, голем чесен крст од иконостас, централно и северно надверие, како и црковни врати од неколку цркви и манастири од кавадаречкиот регион, како и книжен фонд од над 100 книги, зборници, стручна литература. На изложбата беа презентирани само 10 икони и неколку црковни книги кои датираат од раниот 17 век, па се до периодот на преродбата и почетокот на 20 век.
Од формирањето на Музеј-галеријата Кавадарци во 1976 година, па се до денес, континуирано се збогатува збирката на уметнички дела која брои повеќе од 200 дела на 80 автори од нашата земја и странство, работени во најразлични ликовни техники. На изложбата беа презентирани дела кои се речиси непознати за јавноста или многу ретко изложувани.
Од изложените експонати со кои располага Музеј-галеријата од постојаната историска поставка „Оружје 18-20 век“ има експонати кои имаат голема историска важност. Меѓу позначајните е една пушка од системот „кременар“ за која се знае дека била во сопственост на Тодор Митрев, еден од најпознатите кавадаречки ајдуци од илинденскиот период. Најголемо внимание привлекува пушката „Винчестер-Пумпарка“ од 1874 година изработена од метал и дрво со сребрени орнаменти. Оваа пушка Мустафа Кемал Ататурк му ја подарил на Атанас Ајзовски од селото Дабниште – Кавадаречко, во знак на благодарност затоа што го чувал и криел како бегалец во неговата куќа во 1908 година непосредно пред Хуриетот. Меѓу изложените предмети е и револверот од системот „гасер“ со кој според преданието е убиен тиквешкиот војвода Добри Даскалов.
Од етнолошкото одделение беа презентирани традиционални музички инструменти од кои доминираат: жичани или кордофони инструменти, дувачки и удирачки инструменти. Поголемиот дел од нив за првпат се претставуваат пред пошироката јавост.
Арехеолошкото одделение на музеј-галеријата е најбогато со археолошки предмети. За оваа изложба беше направен интересен избор на накит, нумизматика и стари керамички ламби, садови и оловни тегови. Особено внимание предзизвика големата збирка на садови кои служеле за собирање на солзите за упокоеното лице. кои ги закопувале во гробниците.