Во Музејот на град Скопје вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба „Артефакти со христијанско симболично значење од VI до крај на XIX век“. Автор е виш кустос, д-р Снешка Лакалиска.

Изложбата, која ќе може да се посети до 14 април, Музејот на град Скопје ја организира по повод претстојните велигденски празници. Таа ќе претстави сакрални експонати со христијански предзнак. Ќе бидат изложени крстови, кандила, вериги од полиелеј, триптих, восочно стапало, накит итн, изработени во автентичен материјал во зависност од нивната религиска функција и пораката што ја носеле.

– Изложената збирка ја сочинуваат предмети од мал формат со висок уметнички квалитет од: ранохристијанскиот, византискиот, поствизантискиот и преродбенскиот период, како и литургиска опрема временски одредени од VI до крајот на XIX век. Предметите се грижливо собирани со археолошки ископувања на Скопската тврдина Кале, на платото пред црквата „Св. Спас“, при конзервацијата на фрескоживописот во црквите и манастирите низ скопскиот регион, дополнета по пат на откуп и подароци – соопшти Музејот на Град Скопје.

Дел од уметничките предмети се настанати како производ на локални мајстори со византиска предлошка или како увоз од византиски работилници. Некои од нив се донесени од Русија, а некои како поклонички сувенири од Светата земја. За изложбата е подготвен и каталог со превод на англиски јазик.