„Сложениот роман на Томислав Османли го одликуваат префинет, отмен стил, мудро осмислени долги реченици, за чија убавина на српски секако е заслужен и преведувачот“, пишува литературната критичарка Анѓелка Цвијиќ

Во саботно-неделниот број на угледниот српски дневен весник „Данас“ е објавен книжевен осврт на авторката Анѓелка Цвијиќ, посветен на српското издание на македонскиот роман „Зад аголот“ од Томислав Османли. Со наднаслов „Патот по кој оди светот“ и наслов „Селидбите на страдните души“, авторката на опсежниот книжевен осврт создава критичарски омаж на книгата од нашиот автор, оценувајќи го неговото комплексно романескно остварување со врвни оцени. Анѓелка Цвијиќ е книжевна критичарка што соработува со повеќе српски литературни медиуми и е надворешна соработничка на весникот „Данас“. Таа е истакната новинарка и уредничка во културата, меѓу кои и на културната рубрика на реномираната белградска „Политика“.

„Зошто и во кое име човекот ја манифестира садистичката потреба да ја демонстрира својата сила над понемоќниот“, реторички прашува критичарката во уводниот дел од својот текст посветен на романот „Зад аголот“ и продолжува: „Со оваа загатка човекот се занимава уште од времето на антиката до 21 век, а писателите или ја расчленуваат по аспекти или сеопфатно ја набљудуваат низ времето, барајќи го непроменливиот образец на човечкото однесување во коренот на општата нечовечност. Токму по тој потежок пат тргнал Томислав Османли, еден од најдобрите современи македонски писатели, а книгата во која ја следиме трагата на неговите чекори е романот ’Зад аголот’ (’Албатрос плус’, 2017). Османли (Битола, 1956) на нашите читатели им е познат по романот XXI (’Дерета’, 2015, Бгд.), а оваа година во издание на ’Прометеј’ од Нови Сад објавена му е книгата ’Збир-ка-прича’, со поднаслов ’Елегии и гротески. Апсурди во проза’ – сите три книги од македонски на српски одлично ги преведе Зоран Ж. Пауновиќ.“

Критичарката потоа ја претставува структурата на романот „Зад аголот“ – „замислен мошне амбициозно и доследно остварен како полифоно дело“. Укажува на неговите девет текови на приказната и близу педесет и петте ликови „од кои сите совршено функционираат самостојно и во единство. Она што им ги дава ускладеноста и урамнотеженоста се идеите на еден од најзначајните филозофи на антиката, Питагора, кој извел коренита промена на ставот за духовното битие“, пишува литературната критичарка на белградски „Данас“ и додава: „Идејата за метемпсихозата Османли ја вградува во својот роман, така што душите на античките мислители влегуваат во телата на денешните луѓе, главно залудно обидувајќи се да им ги отворат очите и да им укажат на најбитното начело на нашето постоење, а тоа е урамнотеженоста на сопството со принципот на доброто.“

Таа го опишува и светскиот историски опфат на романот чие главно дејство се случува последната година на минатиот век и милениум на повеќе локации во светот и на Балканот, и го поставува новото книжевно-филозофско прашање: „Можат ли душата на Питагора и душите на неговите ученици, застрашени од иднината, да го ’спасат’ светот така што на денешните луѓе упорно ќе им шепотат дека итаат кон бездна.

Романот на Томислав Османли го држи токму тој страв од она што се доближува, што стои зад аголот, што – доколку ја ослушнеме историјата, можеме и да го избегнеме.“
На крајот, авторката на критичкиот осврт исполнет со врвни оцени за македонскиот роман „Зад аголот“, ја пренесува очудената сцена што Османли ја создава во своето дело: апокалиптичкото помрачување на сонцето во Скопје и навидум спокојниот „мрак над Женева, на чие темно небо шагаловски летаат јатата души на сите невини жртви на Стариот и на Новиот континент.