Вишеградска група – на работ меѓу Западот и Истокот

Фељтонот „Војната во Украина како предуслов за нов светски поредок и реперкусиите врз Западен Балкан“ од д-р Маја Мишковска дава еден сопствен поглед на случувањата во Украина и нивниот одраз врз светската политичка сцена, со посебен акцент на Западен Балкан. Преку опсежна анализа на украинско-руските односи, па преку одразот врз нивните сојузници, авторката на фељтонот презентира и
некои помалку познати ликови и настани од минатото, со што ја дополнува сликата на она што се случува денес во Украина, за на крајот да го насочи фокусот кон Балканскиот Регион, кој не е поштеден од последиците на актуелниот конфликт на истокот од континентот

ВОЈНАТА ВО УКРАИНА КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК И РЕПЕРКУСИИТЕ ВРЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН (6)

Вишеградската група, која беше основана во 1991 година, кога земјите излегоа од комунизам и се обидоа да им се приклучат на НАТО и ЕУ – од Полска, Унгарија, Словачка и Чешка, позната како В4, сѐ повеќе се претвора во В 2+2. Ова особено поради растечкото оддалечување една од друга, особено меѓу Полска и Унгарија, најмногу во однос на непочитувањето на принципите на либералната демократија и владеењето на правото. Иако Полска и Унгарија имаат цврста соработка против напорите на ЕУ да ги казни за назадување на демократијата, надворешните, па и внатрешните ставови и политики кон Русија се различни. Националистичката влада на Полска ја гледа Русија како закана, додека Орбан негува блиски односи со Кремљ.
И Словачка и Чешка не играат со исти карти и ги делат разликите во политиките кон Русија и Кина. Во Чешка секојдневно по стотици илјади лица демонстрираат на плоштадот во Прага. „Кинеските и руските разузнавачки активности претставуваат значајна закана за безбедноста на Чешка. Со употреба на широк спектар методи, разузнавачките служби од двете земји се обидоа да ги ослабат чешките државни институции, да влијаат на официјалните државни позиции поврзани со меѓународната безбедност и да го загрозат демократскиот систем“, предупреди чешката разузнавачка служба (БИС) во својот годишен извештај на 26 ноември 2018 година.
Во него понатаму се наведува дека Кина финансирала курс за „пропаганда“ на Карловиот универзитет во Прага и платила патување во Кина за некои од своите најдобри студенти, нагласувајќи дека зголемувањето на кинеските активности во земјата се смета за основен безбедносен проблем и дека кинеското разузнавање користи Линкедин за пребарување и контакт со потенцијални соработници. Во однос на Русија, во извештајот на Еуроактив се наведува дека руските разузнавачи се обидуваат да влијаат врз политичарите што можат да имаат влијание врз развојот на прашања што се од интерес за Русија, во земјата се шират дезинформации и дека чешкиот претседател Милош Земан е добро познат по својот проруски став.

Западен Балкан – мевлем за анархија и конфликти

Последиците од војната во Украина се чувствуваат и во Европа и особено во регионот на Западен Балкан.
Во годишниот извештај за 2022 година на Институтот за демократија и изборна помош (ИДЕА) од Стокхолм е поентирано дека е забележана ерозија на демократските вредности и институции, што дополнително влијае на дестабилизација на земјите од регионот. Имено, воочени се проблеми со големата политичка поларизација, закани на граѓанските слободи, нефункционалност на институциите, проблем со легитимност на изборите, појава на тврдокорна корупција, раст на екстремно десничарски партии, ограничени слободи и права на Интернет и се непредвидена појава во Полска, Унгарија, Романија, Бугарија и другите земји од бившиот источноевропски блок. Тоа дополнително ја усложнува состојбата во земјите од регионот и претставува потенцијална закана, особено во период кога руската војна во Украина, која ја потресува Европа, ја доживува својата кулминација.
Непобитен е фактот дека приоритет на Соединетите Американски Држави по падот на Берлинскиот ѕид беше продорот кон источноевропските земји и доминација во Балканскиот Регион. Иако надежите беа дека процесот ќе се случи побрзо, сепак, Европа и понатаму остана поделена на две сфери, од кои едната на НАТО, а другата сфера во која и понатаму остана руската доминација, но не со ист интензитет. Во источноевропската сфера ударно остана да вее руското влијание во Белорусија, Србија и Унгарија, каде што побавно се одвиваа трансформациските процеси, што подразбира, пред сѐ, владеење на правото, практикување на инклузивната демократија, транспарентност на институциите, имплементирање на пазарната економија, слободата на јавното мислење и изразување и други вредности на демократијата. Како еден од најважните и најсуштински сегменти на демократијата е принципот на владеењето на правото, пресметката со организираниот криминал, кој во источноевропските земји остана гола форма и се трансформира во инструмент на репресија и присила, а некаде и во диктатура.
Од друга страна, пак, во анархија, каде што и забранетото е дозволено, постојат евидентни докази дека во овие земји во целиот транзициски период од повеќе од три децении има сериозни проблеми со примена на владеењето на правото и со несоодветната казнивост на носителите на организиран криминал, високата корупција, како и со конфискација на незаконски стекнати имоти и средства. Во голем број т.н. „млади демократии“ се водат илјадници граѓански парници за пресметка со организираниот криминал и високата корупција, со злоупотреба на власта и моќта и кои траат, а завршницата ни оддалеку не се наѕира, за што има евидентни докази, и не може целосно да се искорени. И токму во земјите на Западен Балкан главен услов за членство е владеењето на правото, а всушност во нив владеат политиките што се целосно без контрола. Ваквата статус кво ситуација подразбира недоверба во владеењето на правото и правосудниот систем, како и одложување на реформските процеси.

Ваквите состојби што не се под контрола ѝ одат во прилог на руската стратегија за уште поенергично влијание на просторите на земјите од источноевропскиот блок, а истовремено и секое одложување на преговорите со ЕУ за земјите од Западен Балкан е само предуслов за поголем продор на руското влијание.
По неодамнешното гласање за прием на нови членки во шенген-зоната, министрите за внатрешни работи на ЕУ гласаа за отфрлање на Романија и Бугарија, додека Хрватска беше прифатена како 26-та членка на зоната, која вклучува 420 милиони луѓе. Шенген-зоната, која е создадена во 1985 година, им овозможува на луѓето и стоките да патуваат слободно, обично без да се покажат патни или царински документи, и вклучува 22 од 27-те држави на ЕУ, заедно со Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн.
Тоа уште повеќе ја зацврстува границата меѓу ЕУ и земјите каде што руските тајни служби дејствуваат и спроведуваат политики. И покрај тоа што на 3 декември 1991 година, руското КГБ беше официјално распуштено, подоцна го наследија Странската разузнавачка служба (СВР) и Федералната служба за безбедност (ФСБ).

(продолжува)