Музејот на АСНОМ во Пелинце / Фото: Игор Бансколиев

Седумдесет и осум години од одржувањето на Второто заседание на АСНОМ

Денеска се одбележуваат 78 години од одржувањето на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), собрание што во периодот помеѓу август 1944 година и април 1945 година функционирало како извршно и врховно законодавно тело на македонскиот народ, а потоа се оформило во Народно собрание на Македонија. Во текот на трите заседанија на АСНОМ биле донесени повеќе државнички и историски одлуки, поради што академиците, универзитетските професори и историчарите се согласни дека АСНОМ е всушност најзначајниот историски дострел на македонската борба за национална држава. Конкретно, Второто заседание на АСНОМ, или Првото вонредно заседание на АСНОМ, се одржало по ослободувањето на Македонија од 28 до 30 декември 1944 година во Скопје.

Создадени реални услови македонскиот народ да ги изрази своите државно-национални стремежи

Одлуките што беа донесени на АСНОМ претставуваа верификација на вековната македонска борба за слобода и сопствена држава. Меѓу другото, АСНОМ како врховно, законодавно и извршно тело на македонскиот народ ја донел одлуката за прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик, како и декларација за основните права на граѓаните во демократска Македонија. Овие акти имале огромно значење за идниот развој на македонската државност и нација.
Методија Андонов-Ченто, во својство на претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, нагласил дека македонската државност се потпирала врз два темела. Прво, „општонароден фронт, македонскиот народен покрет со основниот принцип: борба за национална слобода“, како и големобугарската окупација и фашистичкиот терор, „го издигнаја македонскиот народ толку политички, колку не са го издигнале 30 години мирен политички живот. Се разби најголемата, закоренета заблуда, македонскиот народ разбра еднаш за секогаш оти големобугарскиот окупатор не му донесе слобода, ами најарно и незапамтено ропство.“
Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја вели дека, гледано од една поширока историска дистанца на борбата на македонскиот народ за свое национално ослободување и создавање своја држава, АСНОМ воопшто и неговото Второ заседание претставуваат историски настани со кои се создале реални услови македонскиот народ да ги изрази своите државно-национални стремежи и интереси.
– Македонскиот народ во АСНОМ и со АСНОМ ја доби својата национална држава, но и стана рамноправен партнер во изградувањето на југословенската федерација и со тоа стана носител на заедничкиот уставен систем во рамките на таа федерација.- вели Александар Литовски.

Насловната страница на „Нова Македонија“ од 29 декември 1944 година, која беше единствен медиум во Македонија што ја обележи работата на АСНОМ

Значење на Второто заседание на АСНОМ

На Второто заседание на АСНОМ, покрај делегатите на заседанието, присуствувале и потпретседателот на Националниот комитет за ослободување на Југославија, Едвард Кардељ, Димитар Влахов, Светозар Вукмановиќ-Темпо, Добри Терпешев, претседателот на Отечествениот фронт на Бугарија, како и претставници на советската и англо-американската воена мисија. Според Александар Литовски, токму преку ова присуство може да се согледа значењето на Второто заседание на АСНОМ, односно преку неговата меѓународна верификација.
За работата на ова заседание на АСНОМ, Александар Литовски вели дека по отворањето на самото заседание, од името на Јосип Броз-Тито и Националниот комитет за ослободување на Југославија, заседанието го поздрави Едвард Кардељ.
– Потоа тоа беше поздравено од претставниците на АСНО на Србија и АСНО на Црна Гора, од претставниците на воените мисии на СССР, САД и Велика Британија, како и од претставникот на Владата на ОФ Бугарија. Говореа и други претставници и гости од Југославија и претставници на Македонците од оние делови што останаа надвор од границите на Демократска Федеративна Македонија. Откако беа ислушани извештаите на поверенствата при Президиумот на АСНОМ и дискусиите но нив, Второто заседание на АСНОМ донесе неколку решенија, од кои особено би го акцентирал решението за основање суд за судење по престапите против македонската националната чест. Тој суд бил за дела што не биле предвидени во редовното законодавство, а биле направени за време на војната. Пред сè, работел на дела во врска со соработката со фашистичките окупатори и со носителите на антимакедонски кампањи. Во март 1945 година, Лазар Мојсов бил назначен за народен обвинител во Судот на националната чест на ДФМ – нагласува Александар Литовски.
Споменатиот суд можел да ги изрекува следниве казни: одземање на националната чест, одземање на граѓанската чест, принудна работа и конфискација на имотот, а решил околу 1.500 предмети.
– Ова решение на Второто заседание сведочи за високата македонска национална свест на нашите државотворци и остава длабока позитивна трага во историјата на македонскиот народ – вели проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја. Д.Ст.