Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (10)

Факт е дека секој запуштен дел, како непријатно и опасно место за живеење, има некои специфичности што го прават различен од другите. Сепак, тие имаат една заедничка карактеристика, во нив живее: сиромашно, во голем процент невработено население, кое најчесто живее од социјална помош или се снаоѓа на најразлични начини

Недостигот од станови, невработеноста, социопатолошките појави, социјалната, а особено етничката сегрегација, внатрешните конфликти од секаков вид, еколошките проблеми, се само дел од големиот арсенал на проблеми со кои денес се соочува Скопје, град со над 600.000 жители, со над десетици илјади невработени, со неколку десетици стана што се оценети како неповолни за живеење (еден дел од нив влегува во категоријата „станови опасни за живеење“), со десетина урбанистички запуштени населби, кои бараат итна и неопходна интервенција во насока на реконструкција или, за почеток, минимално подобрување на животните услови. Тоа е реалната слика на Скопје денес, на почетокот на втората деценија на дваесет и првиот век.
Во недоволно урбанизираните населби, според процената на институциите на државата, живеат околу 40.000 жители што се директно загрозени во делот на животните услови, кои се крајно неповолни, од условите што владеат во населбата во која, како по правило, отсуствуваат повеќе елементи на техничкиот стандард (канализација, урбана опрема, неасфалтирани улици, руинирани живеалишта). Во овие населби најголемиот дел се невработени и корисници на социјална помош, факт што се чини дека доволно говори за состојбата во која се наоѓаат.
Дали можеме да говориме за некои заеднички карактеристики на нехигиенските населби (бесправните или дезорганизираните), без разлика на нивната развиеност, број на население, социјален или етнички состав?
Факт е дека секој запуштен дел, како непријатно и опасно место за живеење, има некои специфичности што го прават различен од другите. Сепак, тие имаат една заедничка карактеристика, во нив живее: сиромашно, во голем процент невработено население, кое најчесто живее од социјална помош или се снаоѓа на најразлични начини. Во овие населби има висок процент на појава на криминално однесување, дезорганизирани семејства, малолетничка деликвенција и висок процент на неписмени.
Урбаната сиромаштија е сложена повеќедимензионална социјална појава. Во однос на станбената ситуација, можеме да ја поделиме на:
– Слам-сиромаштија, која се нашла во „кругот на сиромаштијата“ подолг временски период, живее во посебни делови од градот, кои се неурбанизирани и запуштени, најчесто на периферијата, но и во стари централни делови на градот и најчесто станува збор за етнички чисти населби.
– Новоформирана сиромаштија, која се појави како резултат на структурните реформи, која од пред десетина години припаѓаше во редовите на средните слоеви, односно беше со постојано вработување и пристоен станбен стандард. Во оваа група се наоѓаат и дел од пензионерите, младите невработени, лицата со ниски примања и семејствата со повеќе малолетни деца, но кои живеат во населби кои колку-толку ги исполнуваат урбаните стандарди за нормално живеење.

– Сиромашни во неурбанизираните населби се оние што во секој поглед можеме да ги сместиме во групата апсолутно сиромашни и кои, по една слободна процена, само во Скопје изнесуваа речиси една третина од вкупниот број на сиромашни! Оваа категорија сиромашни, за разлика од другите две категории (новокомпонираните и другите, кои се сиромашни по различни критериуми, кои може да се сметаат дека се привремени) ќе ја искористат секоја шанса за подобрување на макроекономската состојба за да излезат од „кругот на сиромашните“. Можеби и затоа едно од решенијата (на почетокот привремено, а подоцна и трајно) е подобрување на условите во населбите низ најразлични постапки на урбаната политика.
Жителите во овие населби живеат изолирано и се речиси исклучени од урбаната заедница. Во Скопје егзистираат петнаесетина вакви населби, а некои од нив достигнуваат и по дваесетина илјади жители, кои се вистински „градови во градовите“, како што е примерот со Дижонска, Топаана, Шуто Оризари и други.
Заедничка карактеристика на овие населби е тоа што се урбанистички неопремени и најчесто без соодветни услови за живот. Во овие населби, според една слободна процена, се сконцентрирани речиси половина од сиромашните во градовите, односно околу две третини се етнички чистите населби, што уште повеќе проблемот го усложнува. За жал, досега, почнувајќи од педесеттите години на дваесеттиот век, ниедна власт сериозно не се зафати да ги решава проблемите на овој тип сиромаштија.
Статистичките податоци не се доволно прецизни и целосни за да можеме објективно да ги лоцираме припадниците на сиромашните групи.
Она што е видливо и што претпоставува брза и неодложна интервенција е подобрувањето на условите за живот во слам-населбите и нивна целосна реконструкција. Со тоа ќе се подобрат условите на ниво на населба и на ниво на семејство.

Илија Ацески

(продолжува)