Се очекува американскиот претседател да објави нова воена помош од две милијарди долари за Украина – момент од последната средба Бајден-Зеленски

Нови моменти во руско-украинскиот конфликт фрлаат дополнително светло на развојот на настаните. Многумина интензивирањето на дипломатските контакти на највисоко ниво на двете завојувани страни го толкуваат како прв чекор во надминување на статус кво ситуацијата на фронтот и барање начин да се постават што подобри позиции пред евентуалните мировни преговори

Нова политичко-дипломатска фаза на руско-украинскиот конфликт

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека заминува за Вашингтон, во својата прва официјална посета откако започна војната во неговата земја. Како што јавија западните медиуми, се очекува тој од администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, да побара дополнителна помош за да им се спротивстави на руските трупи. Ваквата посета ги изненади американските конгресмени, а малку кој знае што точно ќе се случува и преговара за време на неговото патување.

Американската и украинската страна со недели ја планирале посетата на Зеленски

Според „Политико“, американската и украинската страна со недели ја планирале оваа посета. САД се покажаа како земја што најсилно ја поддржа Украина во својата војна против Русија, постојано испраќајќи огромни средства, кои понекогаш често беа критикувани од страна на некои Американци. На 11 декември, првиот човек на САД го поканил Зеленски да ја посети Белата куќа и да разговараат за тоа како ќе се развиваат настаните на бојното поле и начините на кои САД можат да помогнат.
Киев директно се упатил до администрацијата на Бајден, барајќи поголем број оружје, кое ќе може да го искористи на „својот пат до победа“. Но САД засега се неодлучни.
Од Зеленски се очекува да одржи говор пред Конгресот, каде што потребата од оружје за Украина веројатно ќе биде споменета неколкупати.
Иако администрацијата на Бајден вети дека ќе ја продолжи поддршката за Киев, официјалните лица од Вашингтон не се сигурни дали ќе ѝ испратат ресурси на Украина што би можеле да се користат во оружјето со поголем дострел. Тие стравуваат дека таквото оружје може да се искористи и за напади надвор од границите на Украина, односно напад врз Русија, што би значело дополнителна ескалација на конфликтот.
Од самиот почеток на војната, Украинците бараа понапредно оружје, а западните сојузници, иако можеби не со очекуваното брзо темпо, се обидуваат да ѝ го достават тоа. Според западните медиуми, се очекува Бајден да објави нова воена помош од две милијарди долари за Украина, кои ќе ги вклучуваат противвоздушните системи „патриот“. Покрај ова, се очекува испраќање муниција во вредност од 850 милиони долари.
Одлуката за испраќање на системот „патриот“ ги изненади и самите Украинци. Тоа е барање што тие го имаа од многу одамна. Експертите сметаат дека тоа би било големо дополнување на украинската одбрана. САД и Украина веруваат дека посетата на Зеленски е „добар сигнал за остатокот од светот“.

И Кремљ ја интензивира својата дипломатска активност

Додека Украинците бараат помош од своите сојузници во Вашингтон, ниту руската страна не мирува меѓународно-политички, туку ја интензивира својата дипломатска активност. Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев беше во ненадејна посета на Пекинг, каде што разговараше за зајакнување на партнерството со кинескиот претседател Си Џинпинг, кој ги повика сите страни да покажат воздржаност во Украина и да го решат конфликтот со политички средства.
Претседателот на Советот за безбедност на Русија, Медведев, вчера објави видео на својот телеграм-канал, на кое се гледаат неговата средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и средба меѓу кинески и руски претставници. Кина се надева дека сите страни во украинската криза ќе покажат воздржаност и ќе ги решат безбедносните грижи преку политички средства, му рекол Си Џинпинг на Медведев, јави кинеската државна новинска агенција Синхуа.
Кинескиот претседател Си Џинпинг му изрази надеж на Медведев дека кинеската комунистичка партија и партијата Обединета Русија ќе ја подобрат комуникацијата и мудро ќе ја продлабочат стратегиската соработка меѓу Кина и Русија. Медведев рече дека тој и кинескиот претседател разговарале за „безграничното“ стратегиско партнерство на нивните две земји, како и за Украина, без да наведе детали.
– Разговаравме за билатерална соработка во рамките на нашето стратегиско партнерство, вклучувајќи ги и економијата и индустриското производство. Разговаравме за меѓународни прашања, што, секако, го вклучува и конфликтот во Украина. Разговорите беа корисни – напиша Медведев.
Русија забрзано се свртува кон Кина, со која се обидува да ги зајакне врските, бидејќи е сè поизолирана поради последователните пакети санкции што ѝ ги воведоа Европа и САД поради инвазијата на Украина.
Со посилни економски, политички и безбедносни врски со Кина, Москва се обидува да ја компензира загубата на врските со Западот и го гледа кинескиот претседател Си Џинпинг како потенцијален сојузник во својата коалиција.

Подготвил: Mарјан Велевски