Фељтон за значењето на процесот на образованието и воспитувањето во Македонија
Поверенството за просвета при Президиумот на АСНОМ на 30 септември 1944 година испраќа писмо до сите народноослободителни одбори со задача да се оспособат училишните згради во сите слободни територии и веднаш да се почне со работа. Притоа, било дадено упатство во смисла „да се впрегнат сите сили за да се премавне големата неписменост…
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
Македонија конечно стана слободна земја есента во 1944 година. Еден од проблемите што стоеле пред новите македонски власти биле образовната заостанатост и неписменоста на населението. Затоа, Поверенството за просвета при Президиумот на АСНОМ на 30 септември 1944 година испраќа писмо до сите народноослободителни одбори со задача да се оспособат училишните згради во сите слободни територии и веднаш да се почне со работа. Притоа било дадено упатство во смисла „да се впрегнат сите сили за да се премавне големата неписменост… да се створат аналфабетски курсеви во сите села за неписмените од 12 до 45-годишна возраст. Курсевите ќе се одржуваат навечер“.
Вакви и слични упатства биле доставени и до Дебарската околија. Во територијален опсег на Дебарската околија влегуваат селата на Дебарска Жупа и голобрдските села. Во првите години од ослободувањето во Дебарска Жупа постоеле 18 села, и тоа: 1. Горенци, во кое живееле Македонци православни и муслимани, 2. Пареши, православни Македонци, 3. Броштица, православни Македонци, а потоа се доселувале Македонци муслимани, 4. Рковац со Македонци муслимани, 5. Житинани и Вапа со Македонци православни и муслимани, 6. Кочишта со православни и муслимани Македонци, 7. Брештани со Турци, 8. Коџаџик со Турци, 9. Новаци со Турци, 10. Горно Елевци со Турци и Македонци што живееле до 1948 година, 11. Долно Елевци со Евла, Турци и Македонци што живееле до 1952 година, 12. Долгаш – Турци,13. Рајковци, Македонци, се иселиле во 1953 година, 14. Осолница – Турци, 15. Праленик – Турци, 16. Папрадник (Мал и Голем), Македонци муслимани, 17. Власиќи – Албанци, и 18. Баланци, каде што живееле Македонци муслимани и Албанци. Од голобрдските села, на Македонија ѝ припаѓаат: Дренок, Џепиште и Отишани, како и Синори од Стеблево и Требиште.

Поради тешките услови за живеење, особено поради лошите стопански услови за развој и опстанок, по првите години од ослободувањето започнува миграционото движење на населението во Дебарска Жупа, а особено кај Македонците христијани. Токму поради тоа, многу кадарни луѓе за работа оделе на печалба во други краеви во земјата и во светот. Така, многу села се напуштија и останаа само урнатини, а сето тоа имаше неповолен одраз и во развојот на опстојувањето на училишната мрежа.
За отворање основни училишта во Дебарската околија биле задолжени прочелникот за просвета и околискиот инспектор. За учители се поставувани повеќе ученици со завршено гимназиско образование, а некои биле во тек на завршување на средното училиште. Иако во тешки услови, поставените учители работеле со голем самопрегор. Притоа се судриле со повеќе технички и педагошки проблеми, околу примената на новата наставна програма. Според „временскиот план за обука на основните училишта“ е предвидено основното образование да трае до седум години. Плаќањето на учителите да биде како и на другите службеници.
Во првиот наставен план биле предвидени следните предмети по одделенија. Прво одделение: Вероучение (незадолжително), Народен јазик (обука за четење и писање), Предметно учење, Сметање, Рисување, Пеење и Гимнастика. За второ одделение се предвидени истите предмети како и за прво. За трето и четврто одделение се предвидени следните предмети: Вероучение, Народен јазик, Сметање, Отечествознание, Историја (приказки за најважните собитија од нашата историја), Природознание, Рисувание, Пеење, Гимнастика и Рачна работа.
Во петто одделение се предвидени следните предмети: Народен јазик, Аритметика, Геометрија, Географија на Европа, Историја (стар век), Руски јазик, Зоологија, Рисувание, Пеење, Гимнастика, Рачна работа (во селата на работа во училишна градина и во полето). Во шесто одделение се речиси истите предмети, со исклучок на Хигиена, Ботаника наместо Зоологија и Историја на среден и нов век. Слични измени има и во седмо одделение, и тоа за Историја на Македонија и во врска со историјата на соседните народи, Физика и Хемија. За сите предмети бројот на часовите не е одреден, а тоа ќе треба да го одредат сами учителите.
Прва и основна задача на новите учители била да го оспособат училиштето за почеток на наставата или, во краен случај, да приспособат некоја друга куќа за оваа намена, бидејќи многу села, а особено во Дебарска Жупа, немале училишни згради. Со ударничка и доброволна работа зградите ги поправиле. Таму каде што немало такви простории ги адаптирале поубавите приватни куќи.
Според зачуваната документација, при обновата на училиштата, се гледа дека сите села најмногу тешкотии имале за: прозорци, штици, ќумбиња, клупи, црепови, тули, училишни табли, училишни прибори за учење и слично. Додека се вршеле поправки на училиштата, поставените учители вршеле упис на децата, и тоа без разлика на возраста, бидејќи речиси сите биле неписмени. Притоа, без разлика на возраста, требало да се образоваат од почеток, од прво одделение. Поради тоа, многу возрасни деца не сакале да одат на училиште, бидејќи биле поголеми од другите, а некои пак не ги пуштале родителите поради домашни работи.
Во декември 1944 година бил одржан првиот педагошки семинар за „правоначелни основни учители“ во траење од 15 дена. Семинарот почнал со работа од 11 декември 1944 година. Него го посетувале 27 учители, од кои 16 Македонци и 11 албански учители. Во повеќе села во Дебарска Жупа се поставени учители. Така, во селото Житинани, во кое учеле и ученици од Кочишта и Вапа, за учител бил поставен Кипро Славковски.
Во доставениот список на запишани ученици во ноември 1944 година, по име и презиме биле запишани 49 Македонци муслимани (тогаш нарекувани торбеши) и 11 ученици Македонци. Во едно писмо учителот Кипро Славковски се жали за нередовноста на Македонците муслимани и притоа пишува: „Муслиманските деца не сакаат на училиште“.
Во учебната 1944/1945 година во Дебарска Жупа се отворени училишта на македонски, турски и албански наставен јазик. Така, училишта на македонски наставен јазик биле отворени во селата: Голем Папрадник, Рајковци, Житинени, Броштица, Горенци и други. На турски наставен јазик се отворени училишта во: Коџаџик-Елевци, Новак, Коџаџик, Долгаш и Брештани, а на албански наставен јазик во селото Баланци. Бројот на запишани ученици не е целосно познат, бидејќи во првите две-три учебни години доста варира, зашто некои иако биле запишани, не оделе редовно на настава. Околу проблемите на кој наставен јазик да се образоваат децата во Дебарска Жупа, а особено децата што се од Македонците муслимани, Просветниот оддел на Дебарската околија бил принуден да даде едно целосно и многу важно упатство до сите училишта во Жупа. Тоа е доставено на 23.11.1944 година. Во него, покрај другото, го пишува и следното: „Во местото каде се говори мајчин турски јазик или албански јазик, наставата се врши на говорниот мајчин јазик, а таму каде се изјавуват македонски како мајчин јазик, наставата ќе се врши на македонски“.
продолжува
(извадок од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски)