Украина 2022: Полигон за тестирање нови и стари оружја (3)
За да објасниме подобро – како пример ќе го земеме топот монтиран на најмодерниот американски и светски разурнувач од класата „зумвелт“. Всушност станува збор за два топа монтирани еден зад друг, кои можат снајперски прецизно да погодат цел и на неверојатни стотици километри и се наменети да им дадат огнена поддршка на американските маринци при нивен евентуален десант некаде низ светот. Но без разлика што овој топ е толку совршен и што Русите, веројатно, ќе немаат таков уште педесет години, тој веќе е повлечен од употреба.
Зошто? Поради неверојатна цена на чинење од еден милион евра по поединечен проектил. Да, добро читате, цел милион евра троши „зумвелт“ ако испали само еднаш од своите моќни топови. Хаубиците од 155 милиметри што се испратени од Украина, иако се со ист калибар како топовите „зумвелт“, сепак немаат толку скапи проектили. Но и тие што ги користат се неколкукратно поскапи од руските и затоа, колку подолго ќе трае оваа војна, толку ќе биде потешко за нив да се обезбеди адекватна муниција. Така што во овој дел Украинците или ќе мора да се вратат на старата руска технологија или да излобираат кај Западот сета артилерија од сите држави членки на НАТО да се премести на фронтот што и онака многу одамна не е само украински.
Ракетите нерешлива загатка
Ако големите умови на Пентагон и британскиот Адмиралитет успеаја да ги парализираат и руската морнарица и авијација, ракетите и ракетните напади им останаа нерешена загатка. Иако се зборува за над 80 отсто соборени руски ракети, штетата што ја претрпуваат Украина и нејзината инфраструктура е катастрофална.
Западните процени врз база на издржани анализи се дека руските резерви се навистина при крај и ракетните напади не можат да одат до недоглед. Но треба да се земе предвид дека Русија сѐ уште ги користи само ракетите „калибар“ (кои се најбавни и најслаби од нивните понови генерации) и стари советски реликвии како „П-15 термит“ и слични.
Само неколкупати досега имаа потврдени случаи на користење хиперсонични оружја како „кинжал“ и „циркон“ – колку за потсетување дека такво наоружување никој во светот сѐ уште не поседува. Кина и САД се навистина блиску, но барем уште неколку години нема да можат да се пофалат со хиперсонично оружје подготвено за оперативна употреба.
Постојат најави дека САД тајно планираат да ѝ испорачаат на Украина од напредните противвоздушни системи „патриот“. Но никој не споменува дека тоа се системи слични на руските „С-400“, кои се користат против ракети само во исклучителни случаи бидејќи тоа е тотално неисплатливо. „Патриот“ сѐ, пред сѐ, противавионски и евентуално противбалистички системи (се мисли на големите нуклеарни проектили), иако за ова второто нема потврда дека во пракса би функционирало. Со оглед на тоа што Русија користи сѐ помалку авијација и ниту еден балистички проектил, не е познато зошто системот „патриот“ создава толкав немир и на двете страни на фронтот.
Што се однесува до евентуалното зголемување на украинските офанзивни капацитети во овој сегмент, САД им испорачаа ракетни системи (кои тие ги нарекуваат повеќецевни ракетни фрлачи иако се многу повеќе од тоа) со среден дострел од типот „химарс“ како замена за уништените советски батерии „град“, кои одлично се покажаа на почетокот на војната. Но тука повторно се појавува истиот, а можеби и поголем проблем отколку со хаубиците. Една ракета „химарс“ е исклучително тешко и скапо да се произведе за да може безглаво да се троши од Украинците на фронт за кој никој не знае дали ќе трае уште години или децении. Така што можеби ефектот од ракетите „химарс“ е импресивен и психолошки бидејќи Украинците може да погодат цели што претходно не ги ни замислувале. Но таа важна цел можат да ја погодат еднаш, двапати или пет пати, а со „град“ тоа го правеа илјада пати и така уништија толку многу тенкови. Пракса што сега не им оди од рака.
Дали нуклеарното оружје ќе остане табу-тема?
Навистина голема победа за светската дипломатија и за неформалните активности на тајните служби ќе биде ако до крајот на овој конфликт не почне да се користи и нуклеарното оружје. Во неколку моменти навистина изгледаше дека баукот воспоставен уште во 1945 година конечно ќе биде нарушен и дека уште една велесила ќе си зема за право да ги заштити своите војници на сметка на противничките цивили. Да потсетиме, САД никогаш не одговараа за тоа злосторство, ниту пак за масовните бомбардирања на цивилните населби во Токио цели две години претходно. Така што во неколку моменти и самите Американци, особено претседателот Џозеф Бајден, отворено најавуваа дека Русија само што не го притиснала црвеното копче.
Пред да продолжиме со анализата треба да се знае дека современото нуклеарно оружје (особено руското) е многу поразновидно од она во Студената војна. Тогаш концептот беше многу прост. Да се лансираат што е можно повеќе масивни ракети „СС-22“ кон Њујорк или кон Сан Француско и барем една од нив да погоди во радиус од осум км. Со оглед на големата килотонажа на нуклеарното полнење на овие ракети се сметаше дека тоа е доволно да се убијат што повеќе луѓе. Но развојот на попрецизни ракети и дозирани количества нуклеарно полнење дозволи нуклеарното оружје да добие некоја нова посовремена и поразновидна улога. Ако сега дојде до нуклеарен конфликт, многу поверојатно е дека атомските бомби ќе се штедат за прецизно уништување воени бази и пристаништа, наместо за безочно и неселективно фрлање врз цивили. Па така, наголемо се шпекулираше дека прва цел на руските ракети нема да биде Киев туку ненаселениот Змиски Остров на вливот на Дунав во Црно Море, на кој има едвај неколку десетици украински војници. Целта би била не само да се елиминираат овие мали сили туку и да се контаминира просторот за да не може да се користи со години. Потенцијална цел би биле и сите подземни бункери на оружје и нафта, кои очигледно не можат да бидат совладани со конвенционални методи. Тука се вклучени и подземните бункери за заштита на државното раководство на Украина во околината на поголемите градови.
Нуклеарните бомби со ограничено дејство денес се толку прецизни што е можно тие да се користат дури и во урбани градски средини без масовна опасност од контаминација на цели градови. Според некои истражувања, ефектот на колатерална штета би бил дури помал од хавариите во Чернобил и во Фукушима. Така што е извесно дека Русија не планира и не смее да го срамни Киев со земја. Но дека во крајна нужда би гаѓала некој украински воен полигон за пример, а тоа не треба да се исклучи во никој случај.
Човечкиот фактор сѐ уште е незаменлив
Сепак и покрај сета техничка доминација што Русија ја има во целиот конфликт, особено на почетокот на интервенцијата, сепак, изгледа дека барем засега ја губи оваа војна. Што се случува?
Очигледно светот сѐ уште не е дојден до тој технолошки стадиум (можеби и никогаш нема да дојде) кога техниката ќе биде поважна од човечкиот фактор. Во Украина уште од 2004 година, а особено по 2014-та професионално се работеше на подигање на засебното национално чувство, секако, со скриена цел што поголемо оддалечување од Русија. Па така, слободно може да кажеме дека ако оваа војна се водеше во 1996 година, па дури и во 2006, руското знаеме за многу брзо време ќе се вееше на „Мајдан“. За Харков, Запорожје и Одеса не треба ниту да споменуваме, таму немаше да се водат ниту борби (слично како на Крим во 2014 г.). Но, ете, работите се менуваат и тоа некој на Запад го предвидел, ако не и предизвикал, што значи дека Русите уште во почетокот влегоа во една многу голема стапица. Наивно е да се верува дека нивните прочуени разузнавачки служби до толку погрешиле во процените што значи дека веројатно морале да влезат во оваа однапред изгубена војна по секоја цена.
Колку и да звучи неверојатно, сега Русите навистина водат војна со народот на Украина, кој до пред само неколку децении во огромна мера се чувствувал за руски или проруски. Па така, војната наместо да го запре тој јаз предизвика уште поголема штета. Веројатно и затоа брзо се смени првичната стратегија на московските генерали, кои сега одат исклучиво во места каде што се 100 отсто сигурни дека некој нема да им пука од зад грб. А такви очигледно има сѐ помалку.
Заклучок: И покрај сите критики, Путинова Русија дефинитивно има направено огромен технолошки напредок и речиси се има вратено на славните патеки од Студената војна. Но за нивна жал, а за среќа на нивните противници, сѐ уште ни малку не можат да ѝ парираат на западната ПР-пропаганда, кои ја добиваат војната уште пред да почне.
Дејан Азески
Авторот е член на меѓународниот институт ИФИМЕС
(крај)