Советот за безбедност на Обединетите нации, како што е познато, не го прифати грчкото барање за одбивање на приемот на Македонија во ОН. Тој во конечниот текст на Резолуцијата 817 (7 април 1993 г.) рече дека „му препорачува на Генералното собрание на ОН државата чие барање е содржано во документот S/2514 да биде примена во членство на Обединетите нации…“. Кон ова, Советот уште додаде: „На таа држава, за сите потреби, во рамките на Обединетите нации привремено ќе ѝ се обраќаме со називот ’поранешна југословенска Република Македонија’, сѐ додека не се надмине разликата што се појави за името на државата“. Кога сме кон последново, значајно е да се укаже на фактот дека привременото интерно (во рамките на ОН) обраќање на нашата држава со „поранешна југословенска (со почетни мали букви – п и ј) Република Македонија“ не претставува име на државата во делот насловен како „поранешна југословенска“, токму поради ова и почетните букви од цитираните зборови почнуваат со мали букви. Оваа констатација, ќе видиме нешто подолу, се потврдува и од изјавата дадена од претседателот на Советот по повод усвојувањето на цитираната резолуција.
Врз основа на оваа резолуција на Советот, следниот ден Генералното собрание на ОН ја донесе Резолуцијата 225 (8 април 1993), со која и се изврши приемот на Република Македонија во членство на ОН. Во неа ќе прочитаме: „Генералното собрание, откако ја доби препораката од Советот за безбедност… дека државата чие барање е содржано во документот… А/47/876 S/25147 треба да ја прими во членство на ОН…“…„Одлучува да ја прими во членство на Обединетите нации…“. Во другиот дел содржината на оваа резолуција е како и онаа во цитираната резолуција на Советот на безбедност.
Правни и политички ефекти за Македонија
Имајќи го предвид сето погоре изнесено, нужно е да се даде одговор на прашањето кои се правните и политичките ефекти (односно придобивки) за Република Македонија од двете цитирани резолуции (едната на Советот за безбедност и другата на Генералното собрание на ОН).
Основна придобивка од нив е таа што, во согласност со нив, Република Македонија, конечно, се стекна со статусот земја-членка во Обединетите нации. Со ова дефинитивно беше попречено какво било посегање од соседите и пошироко во однос на територијалниот интегритет, но и политичкиот суверенитет на нашата држава. Состојби што пред тоа беа отворени. Колку што е значајна оваа придобивка, толку е значајно и тоа што со нашиот прием во ОН, во согласност со овие резолуции, нашата држава и натаму го задржа своето уставно име. Потврда за ова наоѓаме во самата содржина на резолуциите. Имено, во нив читаме дека државата што е предложена за прием, односно што е примена во ОН е „државата чие барање за членство во Обединетите нации е содржано во документот S/25147.“ Ако го имаме предвид фактот дека овој документ (S/125147) на државата, всушност, е писменото барање (писмото од 30 јули 1992), на Република Македонија, со кое таа аплицираше за својот прием во членство на ОН, тогаш и нема друг заклучок освен дека таа држава што Советот за безбедност ја препорача за прием, а Генералното собрание ја прими во членство на ОН е токму државата со име Република Македонија.
Зачувувањето на уставното име при нејзиниот прием во членство во ОН ја создаде и можноста таа и по тој прием од голем број држави (засега над 140) да биде признаена под нејзиното уставно име. Во потврда на ова зборува и фактот што секое наше обраќање пред органите на Обединетите нации е со нашето уставно име, што како право е потврдено и со хашката пресуда донесена по повод тужбата од Република Македонија за повреда на одредбите од Привремената спогодба склучена помеѓу Република Македонија и Република Грција (1995), од страна на Грција. И од другиот дел од содржината на овие две резолуции, кој гласи „..на таа држава (а таа е Република Македонија), „…за сите потреби во рамките на Обединетите нации привремено ќе ѝ се обраќаме со ’поранешна југословенска Република Македонија’, сѐ додека не се надмине разликата што се појави за името на државата“ (а тоа значи на Република Македонија), исто така, произлегува дека при приемот во Обединетите нации уставното име на државата, Република Македонија, не било доведено во прашање. Она што за овој дел од содржина на цитираните резолуции е карактеристично е самото обраќање кон нашата држава (кое е и од привремен карактер). Имено, тие регулираат дека на таа држава, (а тоа значи на Република Македонија), привремено, додека не биде надмината појавената „разлика“ за нејзиното име (а тоа значи околу името Република Македонија) само за внатрешните потреби на ОН обраќањето до неа (а тоа значи до Република Македонија) ќе биде „…со поранешна југословенска Република Македонија.“
Зачувување на уставното име
Ваквиот исход (зачувувањето на името) може да се каже дека, во голема мера, беше резултат и на справедливото и категорично спротивставување на Република Македонија на грчките предлози. Имено, македонската страна во текот на целиот процес на подготвувањето на текстот на цитираните резолуции се залага за ставот што експлицитно е искажан само два дена пред усвојувањето на Резолуцијата на Советот на безбедност 817. Според него: „Република Македонија, по никакви околности, нема да биде подготвена да го прифати ’поранешна југословенска Република Македонија’ како име на државата. Ние одбиваме да бидеме поврзани на кој било начин со сегашната конотација на терминот ’Југославија’.“ Тоа е напишано во писмата на претседателот на Владата, Бранко Црвенковски, (Скопје 5 април 1993) и на претседателот Киро Глигоров (Скопје 5 април 1993), упатени до претседателот на Советот за безбедност. Токму ваквиот експлицитен став на Република Македонија беше и причина претседателот на Советот за безбедност по усвојувањето на цитираната резолуција, во името на сите негови членови, да ја даде следната изјава: „Укажувањето во Резолуцијата, која штотуку беше прифатена за ’поранешната југословенска Република Македонија’ не повлекува какви било импликации дека државата (што значи Република Македонија г.г.) во прашање има каква било врска со Федерална Република Југославија (Србија и Црна Гора). Тоа само го изразува историскиот факт дека таа држава (што повторно значи Република Македонија) во минатото била република на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ (в. транскрипт од состанокот за Советот на безбедност на ОН, Њујорк, 7 април 1993).
Оттука, мислењето на дел од пошироката јавност, но понекогаш и не само на оваа јавност, дека во Обединетите нации сме примени под привременото име „поранешна југословенска Република Македонија“ не е точно, а најмалку, пак, може да се тврди дека нашиот прием во ОН е извршен под кратенката ПЈРМ. Во сево ова точно е само тоа дека кон државата Република Македонија во ОН привремено обраќањето ќе биде со „…поранешна југословенска Република Македонија“ и толку. Меѓутоа, вината за она што реално ни се случува е само наша. Неа најмалку може да ја бараме кај други. Така, од наша страна, многу ретко се случувало да има реакција кога Грција, некоја друга земја или некој претставник на меѓународна институција ни се обраќале или обраќаат со кратенката ПЈРМ.
Македонија во меѓународните организации
Што се однесува, пак, до обраќањето кон нас од трети субјекти (меѓународни организации, асоцијации и сл.) и надвор од Обединетите нации со „поранешна југословенска Република Македонија“ е состојба што нема своја основа во цитираните резолуции. До ова, за жал, е дојдено исклучиво по наша вина. Имено, не знам од кои причини (можеби и од некој „мек“ притисок однадвор, а уште полошо ако таков немало) нашата држава на договорна основа прифатила сите меѓународни организации во кои свое членство има Грција кон нас да ни се обраќаат со „поранешна југословенска Република Македонија“. Во спротивно, Грција за себе си го задржала правото да приговара (в. член 11 став 1 од Привремената спогодба). Затоа, не е ни за чудење кога дојде до потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската заедница во неа од заедницата да бидеме насловени „поранешна југословенска Република Македонија.“ Но дури и во овој случај, при потпишувањето од наша страна на оваа спогодба, Европската заедница и нејзините земји-членки со посебно писмо од македонска страна беа известени дека насловувањето на нашата земја со „поранешна југословенска Република Македонија“ не се прифаќа како име на државата.
Во овој контекст, заслужува да се искоментира прашањето зошто и при наша согласност НАТО и неговите членки, до разрешување на постојната „разлика“ за името на нашата држава, да можат да ни се обраќаат со „поранешна југословенска Република Македонија“, Грција во Букурешт на самитот на НАТО (2008) не го прифати тоа. Ова до толку е за чудење што самата таа, во согласност со цитираниот член 11 став 1 од Привремената спогодба се согласила „да не приговара на пријавата за членство или на членство“ на нашата земја „во меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации (во кои, секако, спаѓа и НАТО) доколку аплицирањето, односно нашето членство привремено е под провизориумот (референцата) „поранешна југословенска Република Македонија.“ Според мое мислење, постои голема веројатност дека ваквото попречување на Грција е мотивирано од фактот самото допуштање на приемот во НАТО да биде извршен на начин каков што е предвиден во цитираниот член 11, таа, всушност, со тоа и самата би овозможила уставното име на државата и натаму да остане недопрено, како што е, впрочем, и случајот со извршениот наш прием во членство во ОН. Оттука, и не треба да нѐ зачудува одбегнувањето на обраќањето на Грција кон нашата држава со „поранешна југословенска Република Македонија“. Поради ваквиот омаловажувачки однос кон нас по самитот на НАТО во Букурешт (2008), поранешниот ополномоштеник на британското претседателство, г. Робин О’Нил изјави: „…постојаното непријателство на Грција кон Македонија во последните 17 години го отвора прашањето дали вистинската цел на Грција е Македонија да не успее или на некој начин да не постои – ова е притисок, тероризирање на поголема држава против помал сосед.“ (Интервју (негово) во емисијата „Гласот на народот“ на Македонската државна телевизија (преземено и од скопскиот весник „Дневник“, 7.4.2008).
(продолжува)