Таму некаде во осумдесеттите од минатиот век, за ситни пари, се најдовме во Неапол. Водичот беше едуциран, вистински професионалец и пријатен лик, па веднаш ни објасни дека градот има невидлива граница, која го дели на север и југ. Ајде, ајде, си велиме ние од тогашна Југославија, во која демократијата имаше белези на демократија колку и да постојат критизери што се обидуваат да го негираат тоа. Ако неаполската демократија е демократија со која се гордеат западните општества, тогаш навистина не знам зошто беше плодна почва за поделеност. Другите граѓански општества изродија апартхејд, гета, сегрегација. На спротивната страна од железната завеса се зборуваше за тоталитаризам, гулази и тортура врз неистомислениците на владејачката структура. Но повеќе иритираше западната страна бидејќи таа, како и денес, најгласно се декларираше за колепка на демократијата. Особено Италија, која се одликуваше со богата културна традиција и како земја на чија почва бликна ренесансната преродба. Но се чини дека општествените процеси ни најмалку не се имуни на девијантни појави, кои сосема го менуваат ликот на општеството.
Велам, нашиот водич нѐ предупреди на можни непријатни ситуации доколку самите одлучиме да стапнеме на таа територија. Северниот дел е делот во кој живеат богатите, кажа. Таму во затворен круг на училиштата постојат цркви во кои децата можат да ги изразат своите верски определби, сѐ со цел да не се изложат на напади и киднапирања. Населбите се дополнително заштитени со вечно присуство на карабинерите и приватните детективи. Банките, осигурителните заводи, јувелирниците или големите трговски мрежи (денес молови) со сјајните излози на бренд–машинеријата не се достапни за „бедата“ од јужните делови на надалеку прочуената метропола на туризмот позната и по изреката „види го Неапол и умри“. Нѐ предупреди дека таму на јужната страна од градот живеат бедата, дрогата, шверцот, криминалот и мракот на сончевиот град. Во ноќните часови, лотките на контрабандата добивале огромни количества цигари, кои потоа ги дистрибуирале низ цела Италија и низ Европа под покровителство на вечната мафија. Естаблишментот научил да подзамижува со очите бидејќи на тој начин ги полнел „амбарите“ и покрај учеството во власта. Државата, неа сепак ќе си ја биде, оти таа има начин како да дрпне од издрпаните поданици што немаат вода во очите. Сепак, сопствениот џеб е на прво место во пазарните општества, нели? Дали на овој начин демократијата страда од естаблишментот или од „дното“? Би рекол дека и едните и другите, секој со свои методи, го прават тоа, но ова им го дозволува системот со своите аномалии. А системот е жива материја, па поради тоа не може да му се фати кусур – тој постојано се усовршува.
Да се вратиме на нашиот водич. Човекот не ни препорачуваше ние самите да ја преминеме границата што фиктивно го дели градот на зони небаре е под окупација. Нејсе. Ние млади и јуначни, неколкумина од нас, не можевме да ѝ пркосиме на љубопитноста, па кинисавме кон царството на криминалот. Не поминавме ниту стотина метри, кога од зад една зграда со разголена фасада (повеќето беа такви) се појави група дечиња на возраст од шест до десетина години. Тие веднаш почнаа да ни се обраќаат со врескање, а во втората фаза од конверзацијата, употребија камења со кои ни посакаа добредојде. Некој од нашите се обиде да им се врати, но ние го спречивме потсетувајќи на можност дека зад оваа група дечиња можеби се кријат „капо ди тутти капо – главните“. Навистина, од зад зградата почнаа да излегуваат возрасни мажи со стемнети сурати. А беше ден пладне што се вели. Ние веднаш се повлековме, да не речам дека му ја дувнавме преку „границата“.
До ден-денес не ми стана јасно зошто во тие демократски општества со завидно ниво на култура, длабока политичката зрелост и ренесансни ветрови, постоеја и, за жал, сѐ уште постојат такви поделби што ги попречуваат нормалната комуникација помеѓу луѓето и подигањето на нивната свест на ниво во кое ќе престанат сите поделби и барикади. Некој ќе рече дека тоа е процес. Но добро е кога процесот се движи кон нагорно ниво преку здрави корекции и согледување на сопствените слабости. Арно ама, како минува времето, се чини како да тргна по надолна патека. Ниту трага од основите на античката демократија. Античка демократија? Па, да. Се сетив на Миоскиот Нимфеј на Аристотел големиот учител на Александар, полисите на Стара Елада, никулците на демократијата, античките големи мислители, кои се втемелени во свеста на поголемиот дел од поданиците на Екумената. Се сетив и на микенската цивилизација. Тие во некогашни времиња беа развиениот југ додека северот го „орале“ варварските орди на Готите, Визиготите, Келтите, Галите и преостанатите племенски заедници, кои крваво војувале помеѓу себе и против сѐ што не било како нив. Бидејќи биле агресивни и освојувачки расположени, успеале да наметнат доминација над поробените народи и на докажани култури како арапската, елинската, римската и византиската. Постоењето на светот како да отпочнало со нивното појавување на историската сцена. Не знам дали станува збор за оставина што и денес прави обиди да дотера клучни историски моменти по сопствено видување и толкување на идентитетските права и значајните настани докажани не еднаш со факти, но мене и на мојата нација не ни е сеедно.
Дури некаде во почетокот на петнаесеттиот век ќе се сетат да се отарасат од своите деструктивни навики и помпезно ќе ги најават хуманизмот и ренесансата. За ова движење се вели дека е едно од најголемите прогресивни пресврти, време што изнедрило уметнички гиганти по моќта на нивното перципирање на светот. Нивните дела останале и ќе останат за вековите. Но нека ми биде простено, си велам дека достигнувањата на светско ниво останале во границите на западните кнежевства и државички додека другите делови од тогашниот „европски свет“ не го пробале вкусот на културната преродба. Освен тоа, зарем нагласената употреба на латинскиот јазик не ги исклучило сосема широките народни маси да дојдат во допир со ренесансните достигнувања. Се разбира, еден здрав разум ќе си го постави прашањето дали сето тоа не била само затскриена најава, увертира за подоцнежен дискриминаторски пристап и можност за делби на „горниот и долниот дел од градот“, на енклави, етнички квартови на мракот и конечно апартхејдот?
Не сум злонамерен, па ќе кажам дека токму во периодот на ренесансата, во заднина се изградени импозантни дворци украсени со орнаменти, скулптури и мебел со висок стил. По аналогија, преродбата требало да донесе целосно ослободување на човекот. Се разбира дека почетниот елан ги негира подоцнежната експлоатација на духот и вложениот физички труд иако финансиерите, односно мецените не се стеснувале да ги наплатат услугите на уметниците, кои, пак, работеле до исцрпување на своите сили.
Набргу, реформаторите на католицизмот во обид да си ги повратат старите добри позиции, го „убиваат“ животниот и духовен елан кај луѓето, па почнале масовно да се ослободуваат од сѐ што било напредно. Научниците, мислителите и уметниците сѐ почесто биле јавно понижувани и палени на огнени столбови на градските скверови… едноставно, не им било дозволено да станат милионери – по заслуга.
Сѐ според потребите, сѐ за џебот и интересите, сѐ за пленот црпен од природно надарените, сѐ за материјалното. Нормално, а не шпекулативно. Некој веднаш ќе ме искритикува и ќе каже дека барам влакно во јајцето. Одговор соодветен немам, но затоа ќе се преселам во нашиов дваесет и први век каде што, за жал, сѐ уште гледам навики пренесени низ генерациите. И наместо да се корисна традиција, тие со себе носат пораки за делби по сите параметри. Некој спомна хибридни војни, корупција на светско ниво, медиумски мрак, трговија со бели робје и органи, наркотична епидемија, најава за опасност од можностите на вештачката интелигенција.
Чуму посебни училишта, зошто посебен пристап и третман на болни во приватни и државни болници. И едните и другите како да подзаборавија на меѓусебно здрава конкуренција и за приближно исто ниво на квалитетна понуда. Впрочем, некогаш во некои среќни општества (помнам) некои струки, меѓу кои и медицината, биле наградувани ако нацијата е здрава и бројноста на пациентите била обратнопропорционална со денешната. Згора на тоа да не заборавиме дека токму од внатрешноста и од сокаците на бедните потекнувале многу големи умови. Простете, немав намера да двојам. Оваа состојба од нашево демократско јаве ме враќа некако назад кон ренесансата, па си велам дека можеби и таа е слична на некој начин со демократската глобализација иако техничките, технолошките и електронските можности ѐ даваат голема предност на последнава. Но се чини како и таа да гасне? Во секој случај не е повеќе искра на надеж и животен елан со кој стартуваше на почетокот. Некој повторно гради нешто спектакуларно зад ѕидиштата на поделеноста. Веројатно нови бариери.
Северозападно од центарот на Градот на Ангелите, се наоѓа Холивуд. Кварт од 300.000 жители од кои претежно филмски ѕвезди и уметници, нивните семејства и пријатели. Имам впечаток дека од триесеттите години на минатиот век, светот живее по урнекот на филмската индустрија. Таму луксузните вили се купуваат и продаваат соодветно со материјалната моќ на уметниците и менаџерските тимови. Се разбира, престиж – американски сон. Она што е значајно, сопствениците постојано се менуваат во зависност од успесите и падовите. Во Европа таа впечатливост е својствена за Азурниот Брег каде што престижот е врв на соништата. Во последно време низ светот сѐ повеќе никнуваат земски раеви, кои се засолништа и спокој за оние што на магичен начин (има и по заслуга, секако) доаѓаат до средства за благопријатен живот. Марбела во Шпанија или Бахамите и Хургада во Египет, на пример. Сѐ повеќе и луѓето од нашето поднебје добро се снаоѓаат и притоа солидно си ги наплаќаат своите менаџерски способности. Патем, најкритикуван израз во минатиот општествен систем беше „снајди се, па живеј“. Треба да знаеш, а не да се снаоѓаш. Ама тоа да ти било лага.
Сѐ почесто се градат „затворени“ квартови за да можат да се одбранат од криминалните дејности на бедата, која никако да „ожнее“ некој успех со кој барем за малку и накусо би го исполнила својот сон. Ама обичен, не американски. Но не е за кусур фаќање бидејќи ним толку им дал „Горниот“, нели? За чудо, ако им се даде можност, тие сигурно би дале сѐ од себе да го подигнат џебниот рејтинг на работодателот. Засега, доста со тресење шпекулативни теории.
На визуелните записи, фотографиите и по весниците, гледаме прекрасни поднебја и импресивни градби од кои штука умот. Во тие земни раеви, некој што се снашол, фрлил „дебела“ пара за да се повлече од бурите на јавниот живот. Визуелно, сѐ е величествено. Но ако малку подлабоко се внесете во вградените милиони, веднаш ќе си помислите дека станува збор за студена тврдина што не нуди добредојде ниту за самиот стопан, кој талка по зделки низ светот, ниту за намерниците…
„Ако куќа не направив со високи шимшир порти, куќа цел свет братски ми е!…“ – Коста Рацин.
Љубомир Јованоски