Песни што ме тераат да играм

Отсекогаш верував дека нешто големо, но лошо се случува кога некој се јавува или праќа порака во ниедно време (околу 5 ч. наутро). Личноста што ја прати пораката не ја знаев, но тоа беше некој од далеку, некој што ја чита мојата фејсбук-група – „Truth about the music“. Пораката беше едноставна и кратка: „Почина Шејн Мекгоен“. Почнав да вртам по интернет, но никаде немаше ништо, си велам лажна вест. Станувам околу 11 часот, 30.11.2023 г. е неработен ден. На телефонот еден куп пораки и сите, ама баш сите, се за еден од двата најголеми гуруа на контракултурата. Најинтересно е што и личности од секаде (особено од Балканот), за кои никогаш не сум мислел дека знаат кој е Шејн Мекгоен или „Д погус“, ми праќаа пораки. Па отворам портали, интернет-страници, разговарам со луѓе и одеднаш сфаќам дека Шејн не е само мој херој, кој љубоморно го чувам за себе, туку тој е и херој на цели генерации луѓе со различно педигре, со различна културна и етничка припадност, со различна старост, кои го чувале некаде во своите потсвесни долапи, љубоморно, него, нивниот херој од Ирска. А Шејн е посебна приказна, неверојатна. Роден во Англија во 1957 г., од татко и мајка Ирци, со тоа и тој е Ирец. Започнува да се плетка со панк-групи и некаде во 1981 г. е во „Д погус“ и со неа почнува да негува ирска традиционална музика, но приспособена на новите генерации. Со тоа започнува неговата, но и нивната лебедова песна. Со одредени прекини таа приказна трае до 2015 г. И во тие години создава еден таков опус, па со право може да се каже дека е еден од најголемите ирски автори на сите времиња. Дури и уште една вонвременска ирска група таканаречена камен-темелник на ирскиот мелос, „Д Даблинерс“, го става во редовите на најголемите пејачи, автори, текстописци, а со големиот Ник Кејв (тоа е вториот гуру на конракултурата) имаат испеано повеќе песни од други автори („What a Wonderful world“), додавајќи им свој печат, а тие што работеле со Ник Кејв знаат колку е тежок за соработка. Со „Д погус“, Шејн има издадено повеќе албуми и не знаеш кој од кој е подобар, најмногу поради неговите песни и текстови. Нивниот трет албум „If I Should Fall from Grace with God“ издаден во 1987 г. e оној што ги воздигнува во височините, воспеван и од музичарите и од критиката, но и од најважните – од публиката.

A на него, помеѓу другите 15 песни, се наоѓа и најубавата божиќна песна, која им ги освојува срцата на сите оние што се чувствуваат угнетени како луѓе и како народи. Песната се вика „Fairytale of New York“, напишана од Џем Финер и Шејн. Во песната се раскажуваат носталгичните божиќни приказни на ирски имигрант додека спиел пијан во „пијан резервоар“ во Њујорк. Пијаниот имигрант пее пасус од ирската балада „Ретката стара планинска роса“. Другиот дел од песната зборува за разговор помеѓу меѓу маж и жена, за тоа како нивните младешки надежи биле изгубени најмногу поради нивната зависност од алкохол и дрога, а во исто време се потсетуваат, но и се караат на Бадник. Овој дел од текстот има две компоненти што ги погодиле и ирскиот народ и Шејн. Првиот дел е големата емиграција со која ирскиот народ тргна насекаде низ светот некаде во 1847-1851 г. кога завладеал големиот глад во Ирска. Во тој период постои држава Обединето Кралство на Велика Британија и Ирска, но Ирците се помалку и мораат да ја слушаат власта во Лондон. Компирот што можел да ги спаси од глад го имало во големи количества на ирските ниви, но големите сопственици го продавале со големи бродови надвор, слушајќи ја власта во Лондон, додека во исто време околу 30 отсто од ирскиот народ умирал од глад. И тогаш се случуваат најголемите злосторства, целосна смена на демографијата. Истото тоа, но во помала мера се случило и 40 години подоцна. Од тогаш, Ирците се расфрлани по светот, а она што ги поврзува со песната „Fairytale of New York“ се секако сеќавањата на ирските имигранти, кои биле пијани цело време таму некаде во некакви резервоари за пијаници во Њујорк. Втората компонента биле пијанствата, кои подоцна биле дополнети со користење недозволени супстанции, што тотално ги покосило Ирците. И Шејн бил еден од тие што консумирале премногу и никако не можел да се извлече од сето тоа. Шејн починува од воспаление на мозокот, наречено енцефалитис, од вирус, на 30 ноември, околу 3 часот. Со тоа светот го губи едниот од најголемите херои на нашето време. Како што велеше Боб Дилан во својата песна „Death Is Not the End“, а испеана од Ник Кејв, П.Џ. Харвеј, Шејн Мекгоен, Кили Миног, Бикса Баргелд: „Само запамти дека смртта не е крај / Бидејќи дрвото на животот расте / таму каде што духот никогаш не умира“.

Љупчо Давчев