По блескавите концерти во Лондон, Тбилиси, Загреб и во Ленгерих, нашите реномирани уметници, пијанистот Дино Имери и маестра Дијана Имери Илкоска, ќе приредат вистинско музичко доживување и во Скопје, на 4 декември (понеделник), во Камерната сала на Филхармонијата. Тие ќе одржат концерт насловен „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“, на кој Дино Имери ќе се претстави како солист на пијано, а под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска ќе настапи и камерниот оркестар ИД, составен од реномирани музичари.
Како што кажува и самиот наслов, на програмата се дела од еден од највозбудливите романтичари и револуционери во историјата на музиката – Фредерик Шопен: Балада бр. 1 оп. 23l, Прелудиум оп. 28 бр. 4 и бр. 8, Валцер оп. 64 бр. 2, Валцер оп. 64 бр. 1 „Минутен“, „Херојска Полонеза“ оп. 53, како и фантастичниот Концерт за пијано и оркестар бр. 2. Со овој концерт Дино Имери и Дијана Имери Илкоска ќе ги спојат силите заедно со камерниот оркестар ИД и ќе ја заокружат концертната година на еден мошне уникатен начин.
Концертот пригодно ќе го одбележи и големиот јубилеј – 30 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Полска, а настанот е поддржан од Министерството за култура и од Амбасадата на Полска.