Во моментите на можна катаклизмична промена на светскиот поредок, регионалните сили како Турција, Иран и Саудиска Арабија прават потези за зацврстување на своите позиции на геополитичката сцена. Според нивната логика, во ваквиот катаклизмичен тек на работите, најголеми шанси за преживување имаат оние држави надвор од кругот на големите сили што ќе успеат да постигнат доволно висок степен на политичко влијание со својата економска и воена моќ, преку кое ќе можат да водат релативно независна политика во овој судир на светови, овој пат можеби и на цивилизации…
Анализа: Воениот котел клокоти и на Блискиот Исток
Во рамките на започнатиот глобален хибриден конфликт за доминација на големите сили над светските богатства – што во основа претставува еден нов облик на светски судир со постепена просторна и временска ескалација – не се наметнуваат само најмоќните држави во светот, САД, Кина, Европската Унија и Русија. Имено, во сенка на тоа сѐ подинамично наметнување, сите што имаат политички, економски, финансиски и воени можности, се обидуваат да заземат што подобра позиција во бранот на нереди и судири, кој незапирливо се шири.
Како да се биде што понастрана и што помалку инволвиран во „главниот воен судир“?
Во својата анализа, Марио Стефанов за „Геополитика њуз“ констатира дека „на Блискиот Исток, регионалните сили како Турција, Иран и Саудиска Арабија прават обиди за зацврстување на своите геополитички позиции“.
Саудиска Арабија, која е во регионален конфликт со Иран, исто како и Турција, чијашто моќ и влијание се протегаат низ Европа, Северна Африка и Блискиот Исток, се обидува да ја задржи сопствената независна политика по пат на балансирање меѓу завојуваните блокови. И Турција и Саудиска Арабија – држави со долга дипломатска и воена традиција – се совршено свесни дека секоја смена во светскиот поредок во минатото значела голема војна и дека не постојат релевантни причини развојот на настаните и денес да не се одвива во таа насока. Секогаш кога паѓаат поредокот на меѓународни односи и воспоставената рамнотежа на силите, а новиот поредок е во фаза на создавање, што во овие моменти, за жал, е речиси сигурно – светот тоне во голем судир. Така било низ целата историја, а така ќе биде и во текот на првата половина од 21 век.
Во ваквиот катаклизмичен тек, најголеми шанси за преживување имаат оние држави надвор од кругот на големите сили што ќе успеат да постигнат доволно висок степен на политичко влијание со својата економска и воена моќ, преку кое ќе можат да водат релативно независна политика во овој судир на светови, овој пат можеби и на цивилизации. Сите други што нема да имаат способност за самостојно дејствување, сакале или не, ќе бидат вовлечени во војни, кои нема да бидат ништо друго освен фрагменти од големата војна меѓу светските велесили и во кои, всушност, народите на државите што не обезбедиле самостојност во одлуките, ќе гинат за интересите на другите.
Пред почетокот на воените времиња, чиишто најави се чувствуваат сè поинтензивно, двете држави Турција и Саудиска Арабија, независно една од друга, речиси на идентичен начин започнаа борба за онолку простор за самостојно одлучување колку што ќе им се дозволи, па, така, на самиот почеток на глобалниот судир меѓу големите сили, тие остваруваат контакти со сите завојувани страни, за во продолжението на каскадно проширениот светски судир да имаат поголема можност за држење настрана од главната воена матрица, а со тоа и поголема шанса за преживување.
Политика на активно дејствување по сопствена процена и своја надворешнополитичка агенда, а не пасивност и приклонување кон една од завојуваните страни
Во денешниве околности, дипломатијата и поволната геополитичка состојба, или, пак, статусот на извор и извозник на енергија, веќе не се ни приближно доволни за зачувување на самостојното одлучување на државите и за отстапување од главната матрица на новиот светски судир, а во крајна линија – и за сопствен опстанок. Според аналитичарот Стефанов, „флоскулите дека се водат пријателски разговори со овој или оној државник, бајките за големите сојузништва и големите пријателства со другите држави, а особено погубната верба во воени, економски и политички сојузи и интеграции, веќе не значат ништо“. Колонијалното препуштање на раководството на својата земја во рацете на други, како и вербата во нови идеологии, од кои денес преовладува светската борба на демократиите против автократиите (промовирана од страна на американската и европската политика), за државите што се надвор од кругот на големите сили, иако се поврзани со нив во сојузи, не претставува ништо друго освен војување за туѓи сметки.
Во таквиот контекст, Турција и Саудиска Арабија се свесни за ова, па колку што е тоа можно, во судирот на големите не се кријат под маса, туку активно се борат за сопствените интереси, што е единственото нешто што може да ги зачува. Само активното дејствување според сопствена процена и сопствени надворешнополитички агенди, а не пасивност и приклонување кон една од завојуваните страни во оваа нова војна, може да им обезбеди преживување на државите што не се големи сили.
Благодарение на политиката од минатото, која е слична на оваа сегашната, Турција и Саудиска Арабија успеаја да ги избегнат крвопролевањата во Втората светска војна. Тие и денес се обидуваат да создадат предуслови за што побезболно преживување во новиот глобален судир. Секоја од нив веќе подолго време околу себе ги собира своите сојузници и пријатели, одржувајќи истовремено односи со сите завојувани светски сили – со САД како со номинален сојузник, но и со Кина и Русија. Иако е членка на НАТО и близок американски сојузник, Турција спроведува сопствени надворешнополитички акции, независно од политиките на Америка и НАТО.
При смена на геополитичките епохи и во големите војни што ги следат, преживуваат само оние што активно се борат за себе
Анкара дејствува и во постсоветските делови на Азија, негувајќи посебни односи со Азербејџан, но дипломатски и воено е присутна и на просторите на Блискиот Исток и Северна Африка. Саудиска Арабија – исто така блиска до САД и НАТО – одржува паралелни односи со Русија и со Кина, а на Блискиот Исток и со Израел, нешто што пред неколку децении ќе беше незамисливо. На Блискиот Исток, таа околу себе ги собра петромонархиите од Персискиот Залив, богатите извозници на нафта и гас, Катар, ОАР, Кувајт, Бахреин и Оман – сите здружени во воено-политичкиот сојуз наречен Совет за соработка на земјите од Персискиот Залив (ГЦЦ), кој е фактички под водство на Саудиска Арабија. Оваа земја има големо влијание и врз египетската политика, па така, заедно со државите од ГЦЦ, практично прерасна во нов предводник на арапскиот свет.
Сепак, за една таква позиција на Турција и Саудиска Арабија (и нејзините блиски држави од ГЦЦ) не се доволни само дипломатијата и потчинетиот став во однос на големите сили. Потребна е воена моќ. Турција воено зајакнува и преку развој на сопствената воена индустрија. Блискиот Исток, пак, на чело со Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), сакајќи да обезбеди поволни позиции во однос на регионалниот противник Иран, но и позиции во новиот голем глобален судир меѓу најголемите сили, реши да влезе во нова рунда на забрзано вооружување. Современото оружје што беше купено пред една или две децении се заменува со потполно ново.
Огромното богатство на Саудиска Арабија и ОАЕ им овозможува позиција на најголеми купувачи на оружје и воена опрема во Северна Африка и на Блискиот Исток, а нивните блиски релации со САД и европските сили им дозволуваат пристап до најдобрите светски системи за вооружување. Во фокусот на новата модернизација, исто како во изминатите години и во претходните фази на одржување на високото ниво на воена моќ, се наоѓаат военото воздухопловство и воената морнарица.
Ударните сили на воздухопловната војска на Саудиска Арабија се состојат од 232 борбени авиони „Ф-15 игл“, произведени во Америка, од кои 84 се специјални верзии на „Ф-15СА“, кои се приспособени за дејствување врз копнени цели. Саудиските воздухопловни сили располагаат и со 71 повеќенаменски борбен авион „јурофајтер тајфун“, како и со 66 борбени авиони „панавиа торнадо“, предвидени за напад врз копнени цели. Земјата во континуитет ги надградува своите борбени авиони „Ф-15“, а минатиот ноември американската администрација одобри продажба на 280 проектили воздух – воздух, односно моделот АИМ-120Ц АМРААМ, во вкупна вредност од 650 милиони долари.
Воздушната флота на ОАЕ е исто така многу моќна, иако е помала во квантитет, а се состои од 78 борбени авиони „Ф-16“ и 49 „мираж 2000“. Во текот на 2021 година, земјата склучи прелиминарни договори за купување на 80 сосема нови француски борбени авиони „дасо рафал“ – најнова верзија на „Ф-4“ – во вредност од 19 милијарди долари, како и 12 кинески суперсонични борбени авиони „хонгду Л-15“, со отворена опција за уште 36. Обединетите Арапски Емирати ги добија и првите 20 беспилотни летала од турско производство „бајрактар ТБ2“, кои се прославија со својата ефикасност во војната меѓу Ерменија и Азербејџан, како и во рацете на украинската војска во актуелната војна со Русија. Инаку, и Саудиска Арабија преговара со Турција за купување на овие беспилотни летала.
Италија треба да му испорача на Кувајт 28 борбени авиони „јурофајтер тајфун“. Оваа зделка беше склучена во 2016 година и „тежи“ 8,7 милијарди долари. Истовремено, Кувајт очекува испорака на 28 американски борбени авиони „Ф/А-18Е/Ф супер хорнет“, од кои повеќето се верзија на „блок3“. Договорот што беше потпишан со САД е во вкупна вредност од 2,7 милијарди долари. Во тек е испораката на 16 нови американски борбени авиони и за најмалата членка на ГЦЦ, Бахреин, која веќе поседува 20 „Ф-16“ верзии на „блок40“, кои, пак, ќе бидат надградба на стандардните „блок70/72“.
Во исто време, Катар нарача вкупно 96 нови борбени авиони од три различни западни држави. Нарачката вклучува 36 американски борбени авиони „Ф-15КА“, 36 „дасо рафал“ од Франција и 24 „јурофајтер“ од Велика Британија.
И земјите од Блискиот Исток што не се членки на ГЦЦ започнаа со интензивна модернизација на своите вооружени сили, пред сè на военото воздухопловство. На пример, Ирак е во преговори за набавка на 14 француски борбени авиони „рафал“ со ракети воздух – воздух „метеор“, со кои би се надоместиле недоволните способности на постојните ирачки борбени авиони „Ф-16“, кои не се вооружени со американски ракети АИМ-120Ц АМРААМ.
Египет во својот арсенал има 24 француски авиони „дасо рафал“. Египетското воено воздухопловство е задоволно од карактеристиките на набавените борбени авиони, па затоа Каиро минатата година нарача уште 30 „рафали“ од Франција. Паралелно со тоа, земјата купи и 46 борбени авиони „МиГ-29М/М2“ од Русија. Во 2018 година, Египќаните од Москва нарачаа и борбени авиони „СУ35 фланкер Е“, но поради започнувањето на војната во Украина, оваа зделка најверојатно не е реализирана.
Декларирана цел на зајакнувањето на борбените способности на членките на ГЦЦ е можноста за „парирање“ на регионалниот соперник Иран. Но Саудиска Арабија со своите сојузници од ГЦЦ, исто како и Турција, има еден многу поважен мотив. Овие земји ја јакнат воената моќ, а со тоа и надворешнополитичкото влијание, свесни дека во време на отворен нов глобален воен конфликт, како и секогаш во минатото при смена на геополитичките епохи и во големите војни што ги следат, преживуваат само оние што активно се борат за себе.
Подготвил: Mарјан Велевски