Фото: Архива

Владината мерка за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават/час е голема поддршка за непречено организирање на наставата во форма која е од најголем интерес за учениците – со физичко присуство во училниците, соопшти Министерство за образование и наука.

Вкупно 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта добиваат поддршка од државата заради непречена работа и реализација на мисијата заради која и постојат – едукација на младите.

– Во услови на прогласена кризна состојба, со склучување договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба, тие ќе создаваат значително помали расходи во општинските и државниот буџет, со што, се зголемува сигурноста дека воспитно – образовниот процес во училиштата ќе продолжи да се реализира непречено до крајот на годината – се вели во соопштението.

МОН уште еднаш апелира владините препораки за рационално користење на електричната енергија доследно да ги почитуваат сите образовни институции и установи. Штедењето на електричната енергија, како што наведуваат, е еден од факторите кои влијаат на одржливоста на наставата во училниците, но од друга страна се подигнува стабилноста на енергетскиот систем и се обезбедува доволно електрична енергија за потребите на домаќинствата.