Русија ноќеска извршила масовен напад врз критична инфраструктура во повеќе украински региони, користејќи 420 дронови и 39 ракети, меѓу кои и 11 балистички, соопшти на Фејсбук украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според него, мета биле гасни постројки во Полтавската област, како и електрични потстаници во Киевската и Дњепарската област. Во нападите се оштетени бројни приватни куќи и станбени згради, а десетици лица се повредени, меѓу кои и деца.
Итните служби интервенираат во областите Чернихив, Запорожје, Харков, Кировоград, Виниција и Киевската област, како и во главниот град Киев.
– Мнозинството од ракетите се успешно пресретнати благодарение на тоа што нашите партнери брзо испратија дел од ракетите за противвоздушна одбрана договорени на неодамнешниот состанок во Рамштајн – соопшти Зеленски, додавајќи дека, сепак, има и погодени објекти.
Тој нагласи дека временските услови се и понатаму студени и дека на Украина ѝ се потребни системи за противвоздушна одбрана секојдневно, додека, како што рече, Русија се обидува да го уништи украинскиот енергетски систем.


































