Oд почетокот на конфликтот меѓу Хамас и Израел на просторот на Појасот Газа загинале 39 новинари, што е речиси двојно повеќе отколку во војната во Украина, која трае повеќе од една година. Тим Досон од Меѓународната федерација на новинари вели дека ситуацијата е ужасна и дека, ако се спореди со другите конфликти, „брзината со која се убиваат новинарите е без преседан“. Како споредба, војната во Виетнам траеше 20 години и во неа учествуваа над два милиона војници, а беа убиени вкупно 63 новинари. Во војните во поранешна Југославија загинаа 140 новинари.
Околу илјада новинари работат во Газа, а воопшто нема странски новинари, Сите се од Газа и даваат сѐ од себе да известуваат најдобро. Тие имаат многу малку храна и вода и немаат гориво, па до местото за новинарско известување одат пеш.
– Иако се соочуваат со неверојатни проблеми, новинарите се решени да известуваат од Газа. Еден од нив ми рече дека секој ранет има своја приказна и дека секој треба да ја раскаже. Тие ја работат својата работа со голема храброст и одлучност – изјави Досон.
Освен 39 новинари, убиени се дури 250 члена на нивните семејства. Многу новинари ги напуштија своите домови и сега живеат во шатори, кои се преполни од луѓе.
– Затоа се трудиме да им доставиме шатори. Тие се соочуваат со екстремни услови за работа, кои досега ретко се видени – истакнува Досон.
Подготвил: Митко Јовановски