Илустрација - архива/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Полицијата во Белгија заплени околу 115 килограми кокаин сокриен во бетонски плочи како дел од меѓународна полициска операција чија цел е разбивање на српска криминална мрежа, соопшти белгиското правосудство.

Уапсени се вкупно девет лица, пет во Белгија, две во Холандија, едно во Луксембург и едно во Србија, се наведува во соопштението на обвинителството.

Дрогата е запленета во Арлон, на југоистокот на Белгија, при претрес на магацин.

Осомничените се обиделе да го сокријат кокаинот со бетонски плочи за полесен извоз.

Откриени и запленети се најмалку 103 пакувања со тежина поголема од еден килограм (вкупно околу 115 килограми), кои се проценуваат на пазарот во вредност од 11,5 милиони евра, се вели во соопштението на обвинителството.

Претреси били извршени истовремено во Холандија, Луксембург и Србија.

– Вкупно, речиси 100 припадници на различни полициски служби биле ангажирани во акцијата за разбивање на српската криминална организација која се занимава со меѓународна трговија со кокаин – соопшти обвинителството.