Фото: Архива

На жените првпат ќе им биде дозволено да гласаат на седницата на Бискупскиот синод на Римокатоличката црква, што почнува денеска во Рим.

Со потег без преседан, папата Франциск во април одобри измени на нормите со кои се уредува Архиерејскиот Синод, отворајќи им го патот на жените да имаат 54 од вкупно 365 гласови, пишува лондонски „Гардијан“.

-Ова е извонреден чекор напред за жените. Не само поради настаните од овој октомври во Рим, туку и затоа што црквата најде поинаков начин да биде црква – изјави Марија Лиа Зервино, директорка на Светската женска опсерваторија.

На тринеделниот синод, што ќе се одржи зад затворени врати, ќе учествуваат стотици делегати кои ќе се осврнат на итните прашања со кои се соочува црквата – од улогата на жените до свештеничкиот целибат и благословот на геј паровите. Седницата ќе заврши со гласање за конкретни предлози кои потоа ќе му бидат претставени на папата на разгледување.