Советникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андрјушченко изјави дека руските сили утринава се обидуваат да навлезат на територијата на фабриката „Азовстал“ во тој град. Андрјушченко рече дека руските сили, додека трае гранатирањето, се обидуваат да се пробијат до централниот дел на фабриката.
Генералштабот на вооружените сили на Украина утринава соопшти дека Русија ги продолжила артилериските и воздушните напади врз Мариупол и дека главните напори се уште се концентрирани на блокирање на украинските војници во областа на фабриката „Азовстал“.
Нови сателитски снимки од фабриката за челик „Азовстал“, последното упориште на украинските бранители во разурнатиот Мариупол, го откриваат обемот на уништувањето како резултат на руското бомбардирање на комплексот.
Фотографиите кои ги објави американската компанија „Максар Технолоџис“ се направени вчера и на нив се гледа тешко оштетената челичарница.
Веќе два месеца руските сили континуирано ја напаѓаат челичарницата со гранати, проектили и бомби. Пред евакуацијата, стотици цивили се криеја во фабриката за челик заедно со украинските борци.
Вчера, украински офицер стациониран во фабриката за челик изјави дека сите цивили најверојатно се евакуирани од фабриката, додавајќи дека е тешко да се даде конечна оценка за ситуацијата во целата фабрика за челик поради континуираното гранатирање.