Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников најави воена офанзива, но таа нема да започне пред крајот на април или почетокот на мај
Многумина воени аналитичари и досега очекуваа, па дури и најавуваа „зимска голема украинска офанзива“, а некои одеа дотаму што тврдеа дека таа веќе започнала. Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави во интервју за естонската телевизија дека офанзивата е подготвена, но нема да започне пред крајот на април или почетокот на мај. Но, индиректно, министерот за одбрана Резников само го потврди она што всушност беше познато, дека има повеќе причини зошто големата пролетна офанзива во Украина не може да започне порано.
Прва причина за одложување на украинската офанзива
Првата и најважна причина е што голем број украински војници, повеќе од 11 илјади, се на различни обуки надвор од Украина. Меѓу нив има и екипажи на борбени возила. Првата група екипажи за британскиот „челинџер 2“ ја завршија обуката и првите британски тенкови се испорачани во Украина. Привршува обуката на првите екипажи на „леопард 2“ во Германија и Полска, а во тек се испораките на овие тенкови. Обуката на екипажот за овие тенкови во Шпанија е завршена. Завршува и обуката на екипажот за американските борбени возила на пешадијата „бредли“ и германските „мардерс“, а исто така и за нови посади за самоодни хаубици. Подготовките за офанзивата се во завршна фаза, но сѐ уште се во тек.
Првите западни тенкови веќе пристигнаа во Украина, но ќе поминат неколку недели пред да пристигнат сите. Во исто време, Украинците ги опремуваат веќе доставените тенкови „леопард 2А4“ со дополнителен експлозивно-реактивен оклоп „контакт“.
Понатаму, една од причините за одложување на офанзивата е што раната пролет во Украина речиси секогаш е со многу врнежи. И оваа година врнежливата пролет не е исклучок, така што сите ораници се едвај проодни, дури и за гасениците на тенковите или самоодните орудија и хаубици. Раните пролетни дождови се одлични за житниците, но катастрофа за големи офанзиви.
Поради сето ова, но и фактот што украинската армија сè уште формира осум офанзивни бригади и допрва треба да започне да мобилизира и да формира неколку резервни, поверојатно е дека големата украинска пролетна офанзива ќе биде во мај.
Украинските воени планери тврдат дека само со контраофанзива може да ја
добијат битката за Бахмут
Само со контраофанзива украинските сили можат да ја завршат битката за Бахмут во своја корист. Во спротивно, според украинските аналитичари, руските сили ќе продолжат да го напаѓаат градот без оглед на загубите, додека конечно не ја скршат одбраната. А со оглед на тоа што претседателот на Украина ја поврза одбраната на Бахмут со опстанокот на Украина, очигледно е дека таквата опција е неприфатлива за Киев.
За издвојување е дека претседателот Зеленски изјави во јавноста дека „поразот во Бахмут може да го натера на компромис со Путин“. Од воена гледна точка, Бахмут е незначаен, но во Украина тој стана огромен симбол. Претседателот на Украина по својот карактер и професија повеќе натежнува на тоа дека „во тешка криза луѓето се мотивираат од симболите и идеалите“, па затоа се плаши дека со губењето на Бахмут (како симбол) текот на војната може да оди во друга полза. Од друга страна, одлуката упорно да го брани Бахмут беше лична одлука на Зеленски и тој пораз ќе биде повеќе негов отколку на украинската армија.