Македонската компанија Tутунски комбинат Прилеп, една од најстарите на Балканот, годинава одбележува голем јубилеј – 150 години постоење. Денеска при тоа со пригодни манифестации посветени на вработените го одбележува 4 април денот на
тутунските работници.

Тутунскиот комбинат е формиран во 1873 година, како државна фирма, кога бил
изграден првиот магацин за тутун во Прилеп од Отоманската управа на монополот,
Комбинатот низ годините доживува големи промени, подеми и падови, но успеал да ги
помине сите премрежија и да опстои со својата дејност.

Од фoрмирањето исклучиво се занимавал со откуп и обработка на високо
квалитетен ориентален тутун од типовите „прилеп“ и негова продажба на познати светски компании. Ова била примарна дејност со децении, односно сé до 1955 година од кога Комбинатот навлегол во бизнисот со производство на цигари.

Потенцијалот на ТКП беше препознат од светскиот гигант во тутунската
индустрија Филип Морис Интернешнел (ФМИ) со кого во 2014 година е склучено
стратешко партнерство и е формирана заедничка компанија Филип Морис Тутунски
Комбинат Прилеп (ФМТКП) и претставува спој на традицијата и експертизата на двата
ентитети. Партнерството со Филип Морис Интернешнл придонесе да се почне со
модернизација на производството.

– По две децении поминати на листата на најголеми загубари, ТКП за првпат покажа
позитивни резултати 2019 година, а со успешна работа продолжи и следните години.
Комбинатот ја заврши и претходната, 2022 година, со позитивни финансиски резултати од над два милиони евра. Ваквите резултати значат дека друштвото ги исполнува планираните параметри, со тенденција да се продолжи со исто темпо и во наредните години – се вели во соопштението испратено до медиумите. Ка.М.