Trump
Фото: ЕПА

Претседателот на САД Доналд Трамп денеска го одржа првиот состанок на својот втор Кабинет, на кој присуствуваше и технолошкиот милијардер Илон Маск, иако не е член на Кабинетот.

Трамп најави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе ја посети САД в петок. – Ќе потпишеме договор кој ќе биде многу важен, изјави Трамп, додавајќи дека договорот се однесува на ретки минерали.

Трамп го покани Маск да зборува прв, фалејќи го како „исклучително успешен човек“.
– Жртвува многу и добива многу пофалби, но и напади, што и се очекува. Така функционираат работите, рече Трамп.

Маск за приоритетите на DOGE

Маск во своето обраќање ги истакна приоритетите на DOGE (Оддел за владина ефикасност), признавајќи дека „ќе се прават грешки“.

– Нема да бидеме совршени, но кога ќе згрешиме, ќе ги исправиме грешките брзо, рече Маск.

Тој спомена дека DOGE „случајно“ накратко го прекинал финансирањето на програмата за превенција на ебола во рамки на УСАИД, но подоцна ја вратил.

Маск најави и ново известување од Канцеларијата за управување со персонал, во кое од вработените се бара да наведат пет постигнувања во последната недела. Претходно изјави дека оние кои нема да одговорат ќе бидат отпуштени, но подоцна беше разјаснето дека одговорот е на доброволна база.

– Сакаме да им дадеме на луѓето можност да испратат е-порака, додаде Маск.

Трамп: Ќе продолжат царините за Канада и Мексико

Трамп најави дека паузираните царини за Канада и Мексико ќе стапат во сила.

– Не ги запирам царините, изјави тој, наведувајќи дека фентанилот што преминува преку границата веќе нанел огромна штета.

Трамп додаде дека многу од овие царини ќе стапат во сила на 2 април.

Нов план за пат до државјанство преку инвестиции од 5 милиони долари

Трамп го промовираше својот план наречен „златна картичка“, според кој странски инвеститори би можеле да добијат пат до американско државјанство со вложување на пет милиони долари.

– За пет милиони долари, ќе добијат лиценца од Министерството за трговија, а потоа ќе направат соодветна инвестиција преку EB-5“, објасни секретарот за трговија, Хауард Латник.

Трамп додаде дека луѓето кои можат да платат пет милиони долари „ќе создаваат работни места и ќе инвестираат многу пари“.

Според него, некои компании би можеле да ги купуваат овие картички за своите вработени.

– Ќе бидат успешни луѓе, или пак ќе бидат ангажирани директно од универзитети, слично како кога на спортист му се дава бонус, рече Трамп.

САД ќе воведат 25 отсто царина за ЕУ

Трамп најави дека САД ќе воведат 25 отсто царина за Европската Унија, вклучувајќи автомобили и други производи.

– ЕУ беше создадена за да ја искористува Америка, изјави Трамп, критикувајќи ја Унијата.

Според официјалната веб-страница на ЕУ, Унијата е формирана со потпишувањето на Договорот од Мастрихт во 1992 година, со што се поставени темелите за заедничка валута, надворешна и безбедносна политика и соработка во областа на правдата, потенцира „Ен-Би-Си Њуз“.

Трамп: Можно е мировниот договор меѓу Русија и Украина да не успее

Трамп изјави дека постои можност да не успее да постигне мировен договор меѓу Русија и Украина.

– Имате голема доверба во нас бидејќи претпоставувате дека ќе има мир, рече Трамп. – Но, можно е тоа да не се случи. Постојат ризици, но се надевам дека ќе успее – за доброто на човештвото.

Трамп претходно тврдеше дека може да стави крај на војната за 24 часа.