Администрацијата на американскиот Конгрес денеска ја забрани употребата на популарната кинеска видео апликација „Тик-Ток“ на сите уреди во сопственост на Претставничкиот дом на САД, соопшти администрацијата на Конгресот.
Одлуката е донесена пред да стапи во сила законот за забрана на користење на оваа апликација на уредите на американската влада, што се очекува наскоро.
– Апликацијата Тик-Ток се смета за висок ризик поради голем број безбедносни прашања и мора да биде отстранета од сите уреди со кои управува Претставничкиот дом – напиша шефот на административниот оддел во пораката испратена до сите пратеници.
Почнувајќи од минатата недела, најмалку 19 држави делумно го блокираа Тик-Ток на уредите што ги користат владините претставници поради загриженоста дека кинеската влада може да ја користи апликацијата за следење на Американците и цензурирање на содржината.