Фото: ЕПА

Пристигнувајќи на самитот на ЕУ еден ден по неговото назначување, премиерот на Словачка, Роберт Фицо, ѝ кажа на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, дека „Братислава нема да испраќа оружје во Украина, ниту пак ќе ги поддржи новите санкции против Русија“. Што значи овој став на премиерот Фицо и дали тој подлежи на ревизија и менување, со оглед на сѐ уште силната позиција на Брисел над владите на земјите членки на ЕУ

Дали изборните резултати во Словачка можат да имаат влијание на продлабочување на несогласувањата во ЕУ и НАТО

Новоизбраниот премиер на Словачка, Роберт Фицо, продолжи да ги изнесува ставовите што придонесоа за победата на последните парламентарни избори во оваа земја членка на Европската Унија. Повратникот на премиерската функција во изборната кампања настапуваше со ветувањето дека „нема да испрати ниеден куршум за Украина“, што предизвика и загриженост во Брисел дека Фицо може да му се придружи на унгарскиот колега Виктор Орбан во поткопувањето на европската политика во однос на разврската на конфликтот меѓу Украина и Русија. Пристигнувајќи на самитот на ЕУ еден ден по неговото назначување, Фицо ѝ кажа на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, дека Братислава нема да испраќа оружје во Украина, ниту пак ќе ги поддржи новите санкции против Русија.
– Ќе го слушнете суверениот глас на Словачка од словачките министерства и ќе ја гледате суверената словачка надворешна политика – изјави Фицо, со што го потврди континуитетот на партиската политика, која е мешавина на национални и проруски тонови.
На Запад постои загриженост дека враќањето на Фицо на власт, пет години откако беше соборен поради убиството на новинарот Јан Куцијак и неговата свршеница, може да помогне да се поткопа единството на Европската Унија и НАТО.
Стравот на Западот е дека Фицо може да ја поткопа западната поддршка за Украина или санкциите против Русија што ги спроведува ЕУ. Тој е поддржан од неговиот министер за надворешни работи Јурај Бланар, кој во една изјава тврдеше дека Украинците се одговорни за советската инвазија на Чехословачка во 1968 година! Сепак, некои аналитичари се сомневаат дека Фицо навистина ќе ги исполни своите закани, тврдејќи дека тоа е само музика за ушите на неговите гласачи, пишува „Дојче веле“.
– Ставовите на Фицо ги одразуваат ставовите на значителен дел од словачкото население, кое традиционално има поповолен став кон Русија во споредба со повеќето регионални земји во Централна и Источна Европа – посочува Андриус Турса, експерт за Источна Европа.
Но други експерти сугерираат дека Словачка, со население од само 5,5 милиони луѓе и економија во голема мера зависна од партнерите во ЕУ, првенствено Германија, е едноставно премногу мала за да го наруши единството на западната политика.

– Словачка едвај има никакво влијание. Може да се очекува дека Фицо ќе биде поумерен зад затворени врати, како што правеше во претходните мандати како премиер – вели Милан Них, словачки аналитичар во Германскиот совет за надворешни работи.
Екстремистичката реторика, според аналитичарите, е упатена до словачката публика и не е порака до странските партнери.
Фицо го презеде кормилото на Словачка во време кога земјата е во тешка финансиска ситуација и има очајна потреба од средства од Европската Унија ако сака да им ја понуди на гласачите стабилноста што им ја вети.
– Фицо е прагматичар. Тој знае дека Словачка без фондовите на ЕУ нема да биде стабилна – вели Григориј Месежников од Словачкиот институт за јавни работи.
На Будимпешта и на Варшава веќе им беа замрзнати милијарди евра од европските фондови. Словачкиот премиер Фицо не го следеше Орбан во спротивставувањето на пакетот помош од педесет милијарди евра на ЕУ за Украина. Тој рече дека финансиската помош за Украина зависи од гаранциите дека нема да бидат проневерени европските пари и дека словачките компании ќе учествуваат во обновата на Украина. Ветувањата на Фицо дека Словачка нема да испрати „ниту еден куршум“ во Украина исто така во голема мера се сметаат за празна закана, бидејќи земјата веќе го испрати практично целото оружје што можеше.
Дури и Русија признава дека нема да има голема разлика.
– Словачка немаше толку голем удел во снабдувањето со оружје, тешко дека ќе влијае на целиот процес – изјави на портпаролот на Кремљ по заканите за прекин на испорака на оружје.
Сето тоа сугерира дека Фицо веројатно нема да ги исполни надежите на Орбан за изградба на алтернативен блок на моќ во рамките на Европската Унија. За време на националистичкиот популист Јарослав Качински, Варшава му се придружи на Орбан во конфликтот со Брисел во последните осум години. Но, со оглед на тоа што либералните сили ја презедоа власта по изборите во Полска минатиот месец, унгарскиот премиер се чини дека ќе биде дополнително изолиран, пишува во анализата на „Дојче веле“.