Фото: Пиксабеј

Истражувачите и лекарите од областа на биомедицината и биотехнологијата долго време се заинтересирани за можните терапевтски придобивки од кожата на ајкулата. И покрај фактот дека кожата на ајкулата нема никакви „магични“ лековити својства, биологијата на овие животни е предмет на истражување за нејзината употреба во заздравувањето на раните и регенерацијата на ткивата.

Молекуларната биологија на ајкулите е уникатна

Новото истражување се обидува да ги истражи лековитите својства за потенцијална примена во медицинските производи. Една од причините за интересот за кожата на ајкулата е фактот што некои видови од овие животни имаат кожа со природни антибактериски својства. Овие карактеристики можат да ја намалат шансата за инфекција на раната со спречување или инхибирање на растот на опасните бактерии на површината на кожата.
Досега, текстурите што наликуваат на кожа од ајкула се користеа за да се развијат преврски за рани и медицински производи со намалена бактериска колонизација и подобрени својства за регенерација на ткивата.
Со цел да се разберат механизмите на овие антибактериски квалитети и да се истражи нивната можна примена во создавањето дополнителни антимикробни материјали за медицинска употреба, потребни се повеќе истражувања.
– Молекуларната биологија на ајкулите е уникатна. Ајкулата не е само уште една риба што плива наоколу, овие животни имаат единствена биологија и веројатно има многу биомедицински примени кај луѓето што можат да се искористат. Кога станува збор за муцин, примарна компонента на слузта, може да се замислат различни локални третмани за нега на рани, кои би можеле да се развијат – рече професорот по дерматологија Јакоб Викстром.

Слузта од ајкула е речиси неутрална

Тој и неговиот тим спроведоа истражување на шилестата ајкула (Squalus acanthias) и други видови ’рскавични риби за да добијат увид во биохемијата на кожата на овие животни.
Кожата на ајкулата има исклучително тенок слој слуз, кој хемиски се разликува од оној на другите коскени риби. Тоа е затоа што слузта од ајкула е речиси неутрална по хемискиот состав и помалку кисела од слузта на некои цицачи, вклучувајќи ги и луѓето. Истражувањето е револуционерно, но сѐ уште не се знае какви ќе бидат конечните резултати.
Треба да се има на ум дека кожата на ајкулата не е директен извор на медицински терапии, иако може да ги подобри антибактериските својства и капацитетот за регенерација на ткивата. Главните цели на истражувањето се да се разберат основните механизми и карактеристики што ја разликуваат кожата на ајкулата од другите видови, како и да се истражат потенцијалните употреби во медицината и другите биомедицински индустрии.
– Животните што се еволутивно далеку од нас сè уште можат да ни дадат важни информации што се релевантни за луѓето – заклучува Викстром.