Стокхолмската градска топлана и енергетска мрежа тестираат нова технологија, со надеж дека ќе донесат значителен напредок и од енергетски и од еколошки аспект
Енергетската криза и различните приоди за нејзино решавање кај високоразвиените земји
Главниот град на Шведска користи комбинација од старата инфраструктура и врвна технологија за отстранување јаглерод диоксид од воздухот, за да победи во трката за постигнување јаглеродна неутралност. Европските политичари со особено внимание го следат целиот процес и се надеваат дека овој модел може да се примени низ целата Европска Унија (ЕУ). Планот предвидува да го постави Стокхолм во ситуација да постигне климатска неутралност до 2030 година, па дури може да забележи и „негативни емисии“, што значи дека отстранува повеќе јаглерод диоксид од атмосферата отколку што произведува.
Градот веќе е поставен чекор понапред кога станува збор за намалување на загадувањето, благодарение на раното усвојување на централното греење во 1950-тите. Овој систем испраќа топла вода од централниот котел до домовите, деловните објекти и јавните простори низ градот. Мрежата долга 3.000 километри му овозможи на градот да ги намали емисиите на стакленички гасови од греењето на зградите за 80 отсто – од околу два милиони тони во 1990 година на околу 400.000 тони годишно. Откако неговиот последен котел на јаглен беше затворен во 2020 година, системот сè повеќе работи на биогорива. Бродовите што носат кора и струганици од шведската шумарска индустрија се редовна глетка од градските брегови, бидејќи тие се меѓу главните состојки во системот.
Сега компанијата за централно греење „Стокхолм ексерџи“, која е половина во сопственост на градот, тестира систем за заробување и складирање на јаглерод диоксид што се ослободува од согорувањето на биогоривото. Се вели дека технологијата позната како биоенергија со зафаќање и складирање јаглерод или БЕЦЦС ќе ги намали емисиите на Стокхолм за дополнителни 800.000 тони годишно. И бидејќи дрвјата што обезбедуваат биогориво, исто така, апсорбираат јаглерод диоксид додека растат, процесот како целина отстранува повеќе гас од атмосферата отколку што ослободува.
Градските власти велат дека системот може да се примени и на друго место, бидејќи многу градови во ЕУ сакаат да постигнат јаглеродна неутралност до 2030 година. Малку градови во ЕУ имаат системи за централно греење што се толку обемни како оние во Стокхолм, но неколку со постојната инфраструктура бараат начини да се прошират и да ги декарбонизираат. Единбург и Глазгов, на пример, соработуваат со шведската компанија „Ватенфол“ за да ги изградат своите мрежи за греење и да ги поврзат со чисти извори на енергија. При посетата на централата на „Стокхолм ексерџи“ во Вартан претходно оваа година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ја поздрави технологијата како благодат за напорите на Европа да стане климатски неутрална до 2050 година. „Стокхолм ексерџи“, која доби 180 милиони евра од ЕУ, очекува работата на БЕЦЦС во нејзината фабрика во Вартан да биде целосно функционална до 2026 година.