Фото: Влада

Германскиот канцелар во заминување, Олаф Шолц, го осуди рускиот ракетен напад врз североисточниот украински град Суми, во кој денеска загинаа најмалку 32 лица, нарекувајќи го „варварски напад“, јави ДПА.

– Сликите од центарот на градот Суми, каде руски проектили убиваа невини цивили на Цветници се ужасни. Нашите мисли се со семејствата на жртвите и повредените – рече Шолц во изјавата на X.

Тој  додаде дека таквите напади го нагласуваат недостатокот на искреност зад наводната подготвеност на Русија да бара мир со Украина, пренесува германската агенција .

– Наместо тоа, гледаме дека Русија ја продолжува својата агресивна војна против Украина со немилосрдна бруталност.Оваа војна мора да заврши, а Русија конечно мора да се согласи на сеопфатен прекин на огнот. Ние работиме на таа цел заедно со нашите европски и меѓународни партнери – напиша Шолц.

Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, најмалку 32 лица, меѓу кои две деца, загинале во нападот. Повеќе од 80 други се повредени, од кои неколку се деца, пренесе ДПА.