Фото: Пиксабеј

Северна Кореја истрела денеска балистичка ракета од нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската армија, а според јапонската крајбрежна стража, проектилот веќе паднал, јавуваат агенциите, наведувајќи дека тоа е прво лансирање на севернокорејска ракета оваа година.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја истрелала неидентификувана балистичка ракета кон Источното Море, без да даде дополнителни детали, пренесува јужнокорејска новинска агенција.

Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемени откако Пјонгјанг го лансираше својот прв воен шпионски сателит во ноември, а во декември Северна Кореја соопшти дека ја тестирала својата најнова интерконтинентална балистичка ракета во обид да ја покаже борбената готовност на своите нуклеарни сили против САД.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун минатата недела изјави дека нема намера да избегне војна со Јужна Кореја и предупреди дека јужниот сосед на Пјонгјанг ќе биде уништен доколку се обиде да употреби сила против Северот, пренесува агенцијата.