Фото: Џо Бајден/Твитер

Со влегувањето на тринеделната војна меѓу Израел и Хамас, како што вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во „долга и тешка“ нова фаза, американскиот претседател Џо Бајден ги повикува израелските и арапските лидери внимателно да размислат за повоената реалност, пишува Асошиејтед прес.

Во оваа реалност, како што тврди американскиот претседател, приоритет треба да биде конечно да се најде договор за долго бараното решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.

-Нема враќање во статус кво како што беше на 6 октомври – им рече Бајден на новинарите, мислејќи на денот пред милитантниот напад на Хамас врз Израел кој ја започна последната војна.

Белата куќа соопшти дека Бајден му ја пренел истата порака директно на Нетанјаху за време на телефонскиот разговор минатата недела.

-Тоа исто така значи дека кога оваа криза ќе заврши, мора да има визија за тоа што следува, а според нас тоа треба да биде решение со две држави – рече Бајден.

Палестинската државност е нешто на кое Бајден ретко се осврнуваше на почетокот на неговиот мандат. За време на посетата на Западниот Брег минатата година, Бајден рече дека „теренот не е зрел“ за нови обиди за постигнување траен мир, иако на Палестинците им ја повтори долгогодишната американска поддршка за палестинската државност.