Кризата што ја зафати Германија сѐ повеќе се чувствува кај граѓаните: преку зголемување на трошоците за енергија, инфлација што ги јаде приходите, високи каматни стапки на заемите, односно кредитите. Деновиве многу силно одекна констатацијата на Дојче веле, според која „доколку потрае, кризата може да го разниша темелот на општеството – (германската) средната класа“!

Германија

Социјалната група со среден приход е столб на германското општество. Тоа е таканаречената средна класа. Постојат различни дефиниции за припадност кон средната класа, но може да се констатира дека за Германија станува збор за луѓе што заработуваат во висина од 80 до 150 проценти од утврдената просечна плата. Такви луѓе има многу и досега живееле добро: просветни работници, државни службеници, занаетчии.

Според истражувањето на фондацијата „Бертелсман“, дури 73 отсто од граѓаните во Германија сметаат дека ѝ припаѓаат на средната класа

За самци, тоа е меѓу 1.350 и 3.000 евра нето-приход месечно, додека за семејствата тој приход би требало да биде помеѓу 2.800 и 5.000 евра. Во таа група спаѓаат вкупно 50 отсто од населението. Оваа група плаќа најголем дел од даноците и на тој начин придонесува за социјалната држава и благосостојба. Како по правило, тие луѓе имаат голема доверба во демократијата и придонесуваат за стабилноста. Во Германија, според истражувањето на фондацијата „Бертелсман“, дури 73 отсто од граѓаните во земјата сметаат дека ѝ припаѓаат на средната класа.
– Ние сè уште имаме широка и стабилна средна класа. Но таа се придвижува кон долниот раб. Поранешниот впечаток дека со добро професионално образование човекот има сигурен приход и можеби еден ден може да купи куќа, постепено исчезна – вели Дороти Спанагел, директорка за редистрибутивна политика во Економскиот и социолошки институт на фондацијата „Ханс Беклер“.
Наместо верба во ветувањето за општествено воздигнување, постои страв. Кристоф Батервеге, кој ја проучува сиромаштијата, изјави за германските медиуми дека сиромаштијата повеќе не е проблем само на маргиналните групи. Таа се појавува и во сосема нормални семејства. На пример, истражувачкото друштво никогаш во својата историја не измерило полоша вредност кај Германците кога станува збор за очекуваниот приход во иднина.

Во средната класа – енергетски сиромашни семејства

Во Советувалиштето за долгови и несолвентност на службата на Протестантската црква во Келн, овој страв од неможност за справување со кризата е веќе реалност.
– Вработените во комуналните претпријатија ни се јавуваат да прашаат за курсеви каде што можат да научат како да се однесуваат со луѓе што се очајни и исплашени – вели Мартин Дебенер, стручен консултант во советувалиштето. Слични искуства има и Меике Корс од советувалиштето за должници.
– Гледаме дека има многумина што се, на пример, од ниската средна класа, кои нормално би се снашле доста добро со својата плата, но сега, на основа на кредити, високи кирии и високи трошоци за енергија и прехранбени производи, со нивниот приход се приклештени на ѕид – вели Корс.
Истражувањето на Институтот за германска економија покажува дека енергетската криза директно влијае на ниската средна класа. Штом едно домаќинство троши повеќе од 10 отсто од својот приход на енергија, се смета за „енергетски сиромашно“.
Бројот на такви домаќинства се удвоил од 2021 година до мај 2022 година и сега изнесува 41 отсто од сите домаќинства од пониската средна класа. Тоа значи дека голем број луѓе ќе западнат во тешкотии, бидејќи без финансиски резерви очекуваат експлозија на цените на енергентите. Сахве вели дека задачата на политиката е да не ги заборави овие луѓе и насочено да им помогне.
Но она што исто така ја загрижува германската јавност е сликата на бездомници спијат што на улица, мајки што се одрекуваат од оброците за да има повеќе за децата, пензионери што во контејнери бараат пластични шишиња. Иако Германија со своите 83 милиони жители е една од најбогатите земји во светот, 13,8 милиони луѓе во земјата се на работ на сиромаштија или живеат во немаштија. Ова се податоците од актуелниот извештај за сиромаштија, кој еднаш годишно го објавува Германската агенција за доброволни носители на социјална и на медицинска нега. А германската влада во својот извештај за сиромаштија констатира дека јазот меѓу богатите и сиромашните е сѐ поголем. Но тоа не значи оти луѓето во Германија умираат од глад или од студ бидејќи никој не им помага, или дека умираат од болести бидејќи немаат пристап до медицинска нега.

Германија се дефинира како социјална држава

Постои социјална разлика меѓу апсолутната сиромаштија, кога луѓето не можат да ги задоволат основните потреби и релативната сиромаштија, која се мери со просечните животни околности на едно општество. Кој не може да најде работа или не е во состојба да работи, а нема приходи, добива основна социјална помош. Колоквијално, таа се вика Харц IV. Се добиваат пари за животни трошоци, а трошоците за кирија, греење, вода и здравствено осигурување ги презема државата. Во 2020 година во Германија така живееле 5,3 милиони луѓе – со делумен или цел пакет помош Харц IV.
Самохран родител на едно дете добива 449 евра месечно. За тие пари мора да се платат продукти за живот, облека, средства за одржување хигиена, интернет, телефон и струја, како и сите други трошоци во домаќинството. Ако двајца сиромашни живеат во заедница, тогаш добиваат по 404 евра. Но за секое дете, во зависност од возраста, се плаќа меѓу 285 и 376 евра.
Инфлацијата ги влошува работите, па загрозени се и оние на кои досега не им била потребна помош. Сѐ повеќе има луѓе што не можат да ги платат зголемените цени на лебот, млекото, овошјето и зеленчукот во супермаркетите. Тоа се гледа и на 960-те места во Германија на кои организацијата „Тафел“ собира и распределува за сиромашните продукти за живот што се во добра состојба, но наскоро им истекува рокот за употреба. Во 2020 година овие услуги ги користеле 1,1 милион луѓе, а во меѓувреме станале 2 милиона. Сиромаштијата сѐ повеќе ги погодува и постарите луѓе. Пензиите се премали – дури и по повеќедецениска работа. Жените се попогодени од мажите, бидејќи почесто работат нецелосно работно време, а и послабо се платени. Едно истражување на фондацијата „Бертелсман“ предвидува дека во 2036 година околу 20 отсто од пензионерите ќе бидат погодени со сиромаштија во староста.


Незадоволство во Источна Германија – повисоки плати во западниот дел на земјата

Повеќе од 71 отсто од квалификуваните работници во Источна Германија во просек заработуваат помалку од оние на запад. Станува збор за 1,59 милион квалификувани работници во источните провинции, пренесува ДПА. Во исто време, повеќе од една третина од квалификуваните работници во Источна Германија (38 отсто) во просек заработуваат помалку од помошните работници во Западна Германија, се вели во одговорот на Владата на прашањето на пратеникот на Алтернатива за Германија, Рене Спрингер, кој го доби агенцијата ДПА.
Во Саксонија, ова се однесува на 44 проценти од квалификуваните работници, додека во покраината Саксонија-Анхалт разликата е нешто помала од 40 проценти. Должностите на работникот за поддршка обично се поедноставни работи, за кои не е потребна формална професионална квалификација.
Податоците во одговорот на пратеничкото прашање се од Заводот за вработување.
Севкупно, јазот во платите меѓу Истокот и Западот е само малку намален во текот на изминатите 20 години – истакна Спрингер.
Овие разлики, според него, се главната причина за „незадоволството од етаблираните партии на истокот“.