Русија „немаше друг начин“ да се одбрани освен да ги испрати своите сили во Украина, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин додека руската армија ја напаѓа соседната земја.

– Она што се случува сега е изнудена мерка бидејќи на Русија не ѝ е дадена можност да постапи поинаку – рече Путин на средба со деловни луѓе во Москва, која беше емитувана на телевизија.

Путин рече дека создадените ризици за безбедноста биле толку големи што било невозможно да се постапи поинаку и укажа на непомирливоста на Киев и Западот кон руските барања поврзани со безбедноста.

– Можеа да не доведат до такви ризици што не знаеме како би преживеала земјата – рече Путин.

Тој рече дека Русија не сака да му наштети на светскиот економски систем или да биде исклучена од него.

– Русија продолжува да учествува во светската економија, ние не се подготвуваме да и нанесеме штета. Ми се чини дека нашите партнери треба да го сфатат тоа и да не си поставуваат цел да не исфрлат од системот – им рече Путин на претставниците на рускиот бизнис собрани во Кремљ.

Тој додаде дека Русија е „подготвена“ за воведување нови санкции против нејзината економија, повикувајќи ги претприемачите да бидат „солидарни“ со руската Влада.