Дмитриј Песков/Фото: Кремљ

Претседателот Владимир Путин во Кремљ го прими шефот на паравоената компанија „Вагнер“ и неговите команданти за да разговараат за причините за обидот за вооружен бунт покренат од Евгениј Пригожин против рускиот армиски врв, изјави портпаролот на Кремљ.

Состанокот прв го објави францускиот весник „Либерасион“, кој наведе дека Пригожин се сретнал со Путин и со шефовите на Националната гарда и странската разузнавачка служба на СВР Виктор Золотов и Сергеј Наришкин.

Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, средбата се одржала на 29 јуни, пет дена по обидот за државен удар, што се смета за најсериозен предизвик за Путин откако тој дојде на власт на последниот ден од 1999 година.

Песков за новинарите изјави дека Путин на состанокот поканил 35 лица, меѓу кои и командантите на единиците Вагнер и самиот Пригожин и дека средбата траела три часа, пренесе „Ројтерс“.

– Единствено што можеме да кажеме е дека претседателот даде своја оценка за активностите наединиците на „Вагнер“ на фронтот за време на Специјалната воена операција во Украина и даде своја оценка за настаните од 24 јуни денот на бунтот- изјави Песков за новинарите.

Тој додаде дека Путин ги слушал објаснувањата на командантите за тоа што се случило и им понудил дополнителни опции за вработување и борба.

– Командантите ја претставија својата верзија за тоа што се случи. Тие истакнаа дека се лојални поддржувачи и војници на шефот на државата и врховен командант. Тие исто така порачаа дека се подготвени да ја продолжат борбата за татковината-  рече Песков.

Краткиот бунт предводен од Пригожин, во кој борците на „Вагнер“ ја презедоа контролата врз јужниот град Ростов-на-Дон и зградата на Јужната воена команда, беше прекинат, со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко.