Израел и Хамас се договорија да го продолжат четиридневното примирје во Газа за уште два дена, соопшти посредникот Катар, јавува „Би-би-си“.
Првичната четиридневна пауза во борбите требаше да истече денеска на полноќ, но со посредство на Катар и Египет е договорено нејзино продолжување.
– Постигнат е договор за продолжување на хуманитарниот прекин на огнот за дополнителни два дена во Појасот Газа – изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи на платформата „X“ (Твитер).
– Постигнат е договор со браќата во Катар и Египет за продолжување на привременото хуманитарно примирје за уште два дена, под истите услови како и во претходното примирје – изјави претставник на Хамас во телефонски разговор за „Ројтерс“.
Хамас, исто така, соопшти дека се согласил за дводневно продолжување на примирјето со Катар и Египет, што овозможило индиректни разговори меѓу двете страни.
Хамас рече дека продолжувањето е „под истите услови“, кои предвидуваа ослободување на 50 израелски заложници во замена за 150 палестински затвореници.
Израел понуди еднодневна пауза во борбите за секои 10 ослободени израелски заложници.
Двете страни се подготвуваа за конечната размена според првичниот договор што стапи на сила во петокот.
Во првите три дена, од израелските затвори се пуштени вкупно 117 Палестинци, додека Хамас ослободи 58 заложници, меѓу кои се и 19 тајландски, филипински и руски државјани за кои одделно се преговарало.
Се очекува да бидат ослободени 11 израелски жени и деца затворени во Газа и 33 палестинки и тинејџерки во израелските затвори.
Паузата во борбите овозможува и зголемување на испораките на помош за Газа, каде што се продлабочува хуманитарната криза.
Пред да биде објавено продолжувањето, палестински функционер изјави за „Би-би-си“ дека меѓу 20 и 40 дополнителни израелски заложници може да бидат ослободени од Хамас.
Во меѓувреме, израелски официјален претставник изјави дека 184 лица останале во заробеништво во Газа, од кои 14 странски државјани и 80 Израелци со двојно државјанство.
Израел започна воена кампања во Газа и воведе опсада како одговор на прекуграничен напад на вооружени лица на Хамас на 7 октомври, во кој беа убиени најмалку 1.200 луѓе, а околу 240 други беа земени како заложници.
Владата на Газа, управувана од Хамас, вели дека повеќе од 14.800 луѓе се убиени на територијата од почетокот на војната.