Борбите за Бахмут траат осми месец. Во време на голема украинска контраофанзива, која ослободи огромна територија во близина на Харков, Бахмут беше познат како единственото место каде што Русите напредуваа.
Уште тогаш се очекуваше падот на градот, а во неколку наврати Евгениј Пригожин, шефот на Вагнер кој е задолжен за овој град, изјави дека освојувањето на градот е само прашање на денови. Сепак, тоа се уште не се случило. Иако Украинците се притиснати во западните делови на градот, во последните денови се случија неколку значајни работи.
Во неколку наврати, Украинците изведуваа помали, локализирани контранапади кои беа успешни. Во текот на изминатите четири дена, руските сили во неред се повлекоа од своите позиции на јужното крило на Бахмут, објави во саботата британското Министерство за одбрана.
По тоа повлекување, украинските сили повратија најмалку еден километар територија. Москва во петокот призна дека нејзините сили се повлекле северно од Бахмут по нова офанзива, за што шефот на приватната армија на Вагнер, Евгениј Пригожин рече дека е пораз.
Тој обвинини дека не испратиле доволно муниција во Бахмут. Во неколку наврати, изрази страв дека неговите сили ќе бидат отсечени во случај на украински контранапад, бидејќи не можел да смета на редовните руски сили.
Последниве денови Пригожин не го крие својот гнев и практично секојдневно има гневни испади во кои ги обвинува Русите. И вчера ги повтори обвинувањата дека редовните руски сили се предале и побегнале и на тој начин им дозволиле на Украинците кај Бахмут да заземат повисоки и подобри позиции.
Пригожин вели дека за целосно да го освои Бахмут, Вагнер требало да окупира околу 20 високи згради.