Претставничкиот дом на САД викендов усвои закон со кој може да се забрани многу популарната апликација за правење и споделување видеа Тикток доколку не се одвои од кинеската матична компанија „Бајтденс“
Тикток повторно во фокусот во Конгресот на САД
Предлог-законот за Тикток беше усвоен со 360 гласа за и само 58 против. Се очекува во тековнава недела предлог-законот да оди на гласање во Сенатот на САД, по што останува само потписот на претседателот. Американскиот претседател Џо Бајден однапред најави дека ќе го одобри предлог-законот доколку стигне до неговото биро.
Имено, споменатиот нов предлог-закон му дава на кинескиот сопственик „Бајтденс“ девет месеци рок да ја продаде апликацијата Тикток, со можно продолжување за три месеци доколку продажбата е во тек. На матичната компанија исто така ќе ѝ биде забрането да го контролира алгоритамот на апликацијата, која на корисниците им дава видеа врз основа на нивните потреби.
Стивен Мнучин, американскиот министер за финансии во времето на поранешниот претседател Доналд Трамп, рече дека е заинтересиран да ја купи апликацијата и дека собрал група инвеститори.
Последниот предлог-закон е ремонт на претходниот закон донесен во март, со кој се бара од „Бајтденс“ да го продаде Тикток во рок од шест месеци. Сепак, уште тогаш некои сенатори беа загрижени дека шест месеци ќе биде прекраток рок.
Од друга страна, токму Тикток (кој е особено популарен меѓу помладите генерации), го критикуваше предлог-законот (кој, патем, беше дел од поголем предлог-закон за помош на Украина, Израел и Тајван).
Тикток предупреди дека, доколку биде усвоен, законот „ќе ги наруши правата на слободата на говорот на 170 милиони Американци, ќе уништи 7 милиони бизниси и ќе затвори платформа што годишно придонесува 24 милијарди долари за американската економија“. Х.И.