Фото: Пиксабеј

Американскиот институт за проучување на војната (ИСВ) во Вашингтон анализира што е можно, односно кои се сценаријата за украинското боиште во „вакуум-периодот“ пред да се операционализира воената поддршка на САД во висина од 61 милијарда долари воена помош за Киев

Изгласувањето на пакетот воена помош во Конгресот на САД под лупа на западни воени експерти

Како што е познато, Претставничкиот дом на САД го изгласа долго одложуваниот пакет воена помош за Украина од 61 милијарда долари, кој сега се очекува да стигне во Сенатот, а доколку помине во Сенатот, ќе биде испратен кај претседателот на САД на потпис.

Што очекуваат воените експерти пред конечната испорака на
воената помош од САД за Украина?

Одлуката на Конгресот за воената помош за Украина беше повод западните воени експерти да ја анализираат состојбата во Украина. Тие сметаат дека во вакуум-периодот, додека се операционализира одобрениот пакетот од 61 милијарда долари, „може да се очекува зголемување на руските ракетни и беспилотни напади во Украина во наредните недели“. Според аналитичарите од Американскиот институт за проучување на војната (ИСВ) во Вашингтон, се зголемува веројатноста „руските сили да ги интензивираат тековните офанзивни операции и ракетни и напади со беспилотни летала во наредните недели за да ги искористат материјалните ограничувања на Украина“. Конкретно, експертите на Американскиот институт за проучување на војната (ИСВ) во Вашингтон се во очекување „Русија да ја искористи ослабената воздушна одбрана на Украина и да ги засили нападите со т.н. лизгачки бомби, кои се покажаа особено ефикасни при заземањето на градот Авдиивка. Останува ризикот од оперативно значаен руски напредок во воената зона во наредните недели“.

Американскиот институт за проучување на војната од Вашингтон со два контрадикторни аналитички приода

Според анализата на Американскиот институт за проучување на војната (ИСВ) од Вашингтон, „кога ќе се подобри воздушната одбрана на Украина, ризикот за руските сили ќе се зголеми“.
– Украина не очекува само системи за противвоздушна одбрана и соодветни ракети од Запад туку и американски борбени авиони „Ф-16“. Целта на раководството во Киев е да ја врати контролата над воздушниот простор. Земјата, која претендира за членство во Европската Унија и во НАТО, се брани повеќе од две години со огромна помош од Западот – информираа воените аналитичари на Американскиот институт за проучување на војната (ИСВ) од Вашингтон во однос на тоа како ќе се подобри воздушната одбрана на Украина.
Сепак, малку контрадикторно, но токму експертите на ИСВ викендов (спротивно на нивната анализа) објавија дека руските сили, во овој „вакуум-период пред да стигне воената помош за Украина“, не употребиле ништо посебно од нивниот воен потенцијал и дека во нивното напредување продолжиле со употреба на досегашните воени потенцијали, при што „постигнале само изолирани тактички успеси во офанзивните операции и не направиле пробив на линијата на фронтот“. Х.И.