Со изнесувањето на ковчегот со посмртните останки на Бенедикт Шеснаесетти на плоштадот „Свети Петар“ пред истоимената базилика во Ватикан започна погребната церемонија на поранешниот поглавар на Римокатоличката црква.
Огромна толпа верници и великодостојници, јавни личности и обични луѓе со аплауз го пречекаа ковчегот пред базиликата.
Меѓу официјалните гости присутни се претседателите на Италија, Германија, Полска и на Того, канцеларот на Германија, кралот на Белгија, францускиот министер за внатрешни работи, поранешната шпанска кралица Софија.
Делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија МПЦ – ОА присуствува на погребот на поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
Делегацијата, како што информираа од МПЦ-ОА за МИА, е составена од митрополитот Тетовско-гостиварски епископот Јосиф и од професорот на Богословскиот факултет, ѓакон Стефан Гоговски.
Во тек е двочасовната литургија за починатиот папа, предводена од папата Франциск, во сослужение на бројни кардинали, бискупи и свештеници.
Луѓето почнаа да се собираат на плоштадот пред базиликата уште во текот на ноќта. Меѓу нив има и следбеници на Бенедикт Шеснаесетти кои потекнуваат од неговата родна Баварија, облечени во традиционална баварска облека. Некои од нив држат плакати на кои на германски пишува „Благодарам Бенедикт“.
Погребната церемонија ја следат илјада новинари од целиот свет.
Светата столица го објави и текстот што го сумира понтификатот на Бенедикт Шеснаесетти, што во метален цилиндар ќе биде ставен во неговиот ковчег. Во текстот меѓу другото се наведува дека поранешниот папа „одлучно се борел против злосторствата што претставниците на свештенството ги направиле против малолетници и луѓе на кои им била потребна заштита, како и оти постојано ја повикувал црквата на промени, на молитви, на покајание и прочистување“, јави ДПА.
За време на понтификатот на Бенедикт Шеснаесетти и низ годините откако тој се повлече, имаше бројни обвинувања дека не направил доволно за да ја исчисти црквата од погрешните лица, откако се појавија докази за злоупотреби во осумте години додека тој беше на чело на Римокатоличката црква.