Што ќе се случува во светот во 2023 година?

Обично се вели дека тешко е да се прават предвидувања, особено за иднината. Но, сепак, ќе наведам десет предвидувања што би можеле да се остварат во светот во новата година. Прво, војната во Украина, која беше главен настан во 2022 година, ќе продолжи и понатаму, иако можеби со понамалено темпо. Ниту Русија ниту Украина нема да успеат да извојуваат целосна воена победа, ако победата се дефинира како пораз на другата страна и диктирање на условите за повоено територијално или политичко решение. Ниту дипломатите нема да постигнат победа, ако победата се дефинира како постигнување договор што двете влади ќе бидат подготвени да го потпишат и почитуваат. Мирот бара лидери што ќе бидат подготвени и способни за компромис, два елемента што се видно отсутни (од многу различни причини) кај двете страни.
Второ, додека многу политичари се фокусирани на потенцијалот за конфликт околу Тајван, ова се чини многу малку веројатно во 2023 година. Кинескиот лидер Си Џинпинг има полни раце работа со напливот на случаи на ковид-19, што го преплавува здравствениот систем на неговата земја и што отвора прашања за дополнително слабеење на забавената економија. Кина во никој случај не се откажа од својата цел да ја преземе контролата врз Тајван, на сила доколку е потребно, но иако ќе продолжи да го зголемува притисокот врз островот, најверојатно ја одложи агресивната акција барем за неколку години.
Трето, иако навидум изгледа како невозможно, сепак постојат шанси дека оваа година Јапонија ќе се наметне како главен геополитички актер. Економскиот раст во третата по големина економија во светот е ревидиран нагоре на 1,5 отсто, а трошоците за одбрана сега се на пат да се удвојат, достигнувајќи два отсто од БДП. Јапонија, со една од најспособните војски во регионот, исто така поблиску ќе се усогласи со САД за да се одврати или, доколку е потребно, да се одбрани од кинески напад на Тајван.
Четврто, Северна Кореја речиси сигурно ќе го изврши седмиот нејзин нуклеарен тест, покрај честите ракетни тестови. Ниту Јужна Кореја ниту САД нема да можат да спречат такви акции, додека Кина, единствената земја во позиција да го стори тоа, ќе се воздржи од користењето на својата значителна потпора за да не го ослаби својот сосед и да започне динамика што може да предизвика нестабилност на нејзината периферија.
Петто, трансатлантските односи, кои засега се посилни поради заедничката подготвеност да се спротивстават на руската инвазија и да ѝ помогнат на Украина, ќе страдаат од зголемени тензии, поради незадоволството на Европејците со американскиот економски протекционизам и незадоволството на Американците со континуираната економска зависност на континентот од Кина. Врските, исто така, би можеле да страдаат од новите разлики околу степенот на воена, економска и дипломатска поддршка за Украина и нивоата на трошоци за одбраната.

Шесто, глобалната економија, веројатно, ќе се шири побавно отколку што тековно прогнозираат повеќето набљудувачи. Меѓународниот монетарен фонд предвидува вкупен раст од 2,7 отсто, но реалноста би можела да биде помала, поради негативните ефекти од мерките против ковид-19 во Кина и траекторијата на Федералните резерви на САД, кои се чинат решени да продолжат да ги зголемуваат каматните стапки во обид да се намали инфлацијата. Политичката нестабилност во делови од Африка и од Латинска Америка, екстремните временски настани и прекините на синџирот на снабдување, исто така, можат да бидат товар за глобалната економија.
Седмо, годишната конференција на Обединетите нации за климатски промени (КОП28, која треба да се одржи во Дубаи) ќе продолжи да разочарува. Бидејќи краткорочните економски грижи ги надминуваат среднорочните и долгорочните климатски размислувања, ефектите од глобалното затоплување, веројатно, ќе се влошат пред да станат уште полоши.
Осмо, израелско-палестинските односи ќе станат понасилни бидејќи се шири градењето на израелските населби, а дипломатијата не покажува изгледи за создавање палестинска држава под услови што и Израелците и Палестинците би можеле да ги прифатат. Наместо тоа, иднината што би можела да се опише како „нерешение за една држава“ може да стане реалност.
Деветто, Индија ќе продолжи да ги фрустрира оние што предвидуваат големи работи за неа. Таа ќе продолжи да купува оружје и нафта од Русија и ќе се држи до ставот на неврзаност, иако бара поголема помош од Западот против Кина. На домашната политичка сцена, опасноста е дека Индија ќе продолжи да станува постепено повеќе нелиберална и помалку секуларна.

И на крајот, Иран, најверојатно, ќе биде доминантно прашање во 2023 година. Протестите против Владата ќе земат замав во заднината на влошувањето на економскиот пад и појавата на поделби во раководството околу тоа дали да се направи компромис со демонстрантите или да се апсат и убиваат. Нуклеарниот договор од 2015 година нема да се актуализира, со оглед на воената помош на Иран за Русија и желбата на САД да не ѝ се помогне на тамошната влада. Иранските лидери можеби ќе одлучат да продолжат да ја унапредуваат својата програма за нуклеарно оружје со надеж дека ќе постигнат напредок или ќе предизвикаат израелски напад што ќе им овозможи да повикаат на национално единство во случај на надворешен напад. Друга можност е кохезијата на безбедносните сили да отстапи место за нешто што наликува на граѓански конфликт. За првпат по падот на шахот во 1979 година, иднината на иранската република ќе биде сериозно загрозена.
Сето ова можеби нема да донесе среќна нова година, но барем може да се очекуваат интересни настани.

Ричард Хас е претседател на Советот за надворешни односи, а претходно беше директор за политичко планирање во американскиот Стејт департмент (2001-2003 г.)