Фото: Игор Бансколиев

За да му посветиме должно внимание на овој светски проблем, ви пренесуваме дел од анализата на „Геополитика“

Анализа: Глобална сиромаштија (2)

Топ 10 земји со највисока стапка на сиромаштија во светот се: Јужен Судан (82,30 отсто), Екваторијална Гвинеја (76,80 отсто), Мадагаскар (70,70 отсто), Гвинеја-Бисао (69,30 отсто), Еритреја (69 отсто), Свети Томас и Принцип (66,70 отсто), Бурунди (64,90 отсто), Демократска Република Конго (63,90 отсто), Централноафриканска Република (62 отсто) и Гватемала (59,30 отсто).
Како дел од политиката за одржлив развој на ОН, глобалните лидери имаат цел да ја елиминираат екстремната сиромаштија во светот до 2030 година. Или барем официјално имаат цел да го сторат тоа, а колку навистина сакаат да постигнат е дискутабилно прашање. Она што секако е точно е фактот дека најголемите успеси во елиминирањето на екстремната сиромаштија се постигнати во Кина и Индија. Во декември 2020 година, Кина изјави дека целосно ја елиминирала екстремната сиромаштија. Во случајот со Индија, силниот економски раст ги намали стапките на екстремна сиромаштија на 77 милиони, или шест отсто од населението во 2019 година. Меѓутоа, Индија доживеа краткорочен скок на сиромаштијата поради коронавирусот. Процените велат дека до 2030 година Индија најверојатно ќе ја елиминира екстремната сиромаштија на помалку од 5 милиони луѓе што живеат под границата од 1,90 долар на ден. До 2030 година, единствените азиски земји што веројатно нема да ја исполнат целта за елиминирање на екстремната сиромаштија се Авганистан, Папуа Нова Гвинеја и Северна Кореја.
Во другите делови на светот, трендовите на сиромаштија се разочарувачки. Во Латинска Америка, сиромаштијата нагло опадна во почетокот на 21 век, но се зголемува од 2015 година, а до крајот на оваа деценија не се очекува значително намалување. Во Африка сиромаштијата е во пораст, благодарение на брзиот раст на населението и стагнантниот економски раст. Пандемијата предизвика зголемување на сиромаштијата за 11 отсто, а африканската сиромаштија покажува мали знаци на опаѓање до 2030 година. Трендовите укажуваат на појава на многу поинаков облик на сиромаштија. Додека во 1990 година сиромаштијата беше концентрирана во азиските земји со ниски приходи, сегашната и идната сиромаштија најчесто се наоѓа во супсахарска Африка во нестабилни држави погодени од политички конфликти.
До 2030 година, супсахарските африкански земји ќе претставуваат девет од десетте земји со најголем број сиромашни. Шеесет отсто од глобалните сиромашни ќе живеат во кревки и погодени од конфликт земји. Земји со најголем број сиромашни во следната деценија ќе бидат Нигерија, Демократска Република Конго, Мозамбик и Сомалија. Глобалните напори за постигнување на целите за одржлив развој до 2030 година, вклучувајќи и елиминирање на екстремната сиромаштија, ќе бидат комплицирани поради концентрацијата на сиромаштија во овие тешко достапни региони. До 2030 година, сиромаштијата нема да биде поврзана само со одредени земји туку и со одредени места во тие земји. Земјите со среден приход ќе бидат дом на речиси половина од глобалните сиромашни, што е драматично поместување од само 40 години порано.

Причини за сиромаштија

Најчестите причини за сиромаштија вклучуваат: политички конфликти, социјална нееднаквост, недостиг од (високо платени) работни места, слаб образовен систем, климатски промени, недостиг од резерви, неразвиена инфраструктура, отсуство на државни програми за социјална заштита, глобална здравствена криза итн.

Политички фактори

Политичките конфликти (немири, тероризам, војни) можат да предизвикаат сиромаштија на неколку начини. Долгорочното насилство од големи размери што го гледаме во земји како Сирија, Ирак, Либија или Јемен може да го доведе општеството во застој, да ја уништи инфраструктурата и да ги принуди луѓето да бегаат, принудувајќи ги семејствата да го продадат или остават целиот свој имот. Во Сирија, околу 70 отсто од целото население сега живее под прагот на сиромаштија. Ова е земја во која екстремната сиромаштија некогаш беше многу ретка. Дури и релативно ниското ниво на насилство може да има огромно влијание врз заедниците. На пример ако земјоделците се загрижени дека ќе им биде изгорен или ограбен родот, нема да инвестираат во садење земјоделски култури. Жените се исто така особено ранливи во сите конфликти, бидејќи често стануваат цел на сексуално насилство додека работат или дома.
Кога се разгледуваат политичките фактори како причина за сиромаштијата, тие во никој случај не треба да се сведуваат на националните граници на поединечни држави, бидејќи големите држави со своите политики можат да предизвикаат сиромаштија во други мали држави. Добар пример е колонијалната експлоатација на африканските, азиските и американските земји од страна на европските колонизатори. Ерата на колониите заврши, но суперсилите како САД (но и регионалните сили како Саудиска Арабија, Турција) можат со своите одлуки да ги доведат другите мали држави во хаос, што е плодна почва за раст на сиромаштијата. Она што се случи по американските интервенции во Ирак, Авганистан или Либија не треба многу да се објаснува.

Социјална нееднаквост

Социјалната нееднаквост е концепт што заедно со политиката е најчестиот генератор на сиромаштија. Кога една група има помалку права и ресурси врз основа на нејзиниот идентитет во споредба со другите членови на заедницата, тоа е социјална нееднаквост. Социјалната маргинализација може да се заснова на националност, раса, возраст, здравје, социјален статус, пол итн. Сепак, начинот на кој нееднаквоста функционира како причина за сиромаштија е повеќекратен. Кога на луѓето им се даваат помалку права врз основа на нивната етничка припадност, на пример, тоа значи дека тие имаат помалку можности да напредуваат во животот. Ова често го гледаме во случаи кога жените имаат помали права во однос на финансиската моќ од мажите.

(продолжува)

Подготвил: Mарјан Велевски