Лидерот на самопрогласената „Луганска Народна Република“ (ЛНР) Леонид Пашечник денеска потпиша указ за општа мобилизација, јавуваат руските медиуми.
– Донесов одлука да објавам општа мобилизација на територијата на Луганска Народна Република – се наведува во указот на Пашечник.
Претходно, општа мобилизација прогласи и лидерот на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ (ДНР), Денис Пушилин.
Пашечник и Пушилин вчера објавија почеток на евакуација на граѓаните кон Ростовската област во Русија, наведувајќи дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски наскоро ќе издаде наредба за напад на Донбас.
Сепак, Украина тврди дека не подготвува операција во Донбас. Украинската армија соопшти дека во раните утрински часови забележала 12 прекршувања на примирјето од страна на проруските сили во источна Украина, вкупно 66 пати во изминатите 24 часа.
Во соопштението на украинската армија, објавено на официјалниот фејсбук-профил, се наведува дека „сепаратистите отвориле оган врз повеќе од 20 населени места, користејќи тешка артилерија, која е забранета со договорите од Минск“, објавија западните медиуми.
Инцидентите и гранатирањето преку линијата што ги дели владините и проруските сили драстично се зголемија оваа недела, што украинската Влада ги нарече „провокации“.
Украинската Влада ги демантираше најавите на Москва дека Киев би можел да започне офанзива во источниот дел на Украина.
Во меѓувреме, на Телеграм каналот на Центарот за координација и контрола на примирјето во источна Украина денеска е објавено дека украинските вооружени сили го прекршиле договорот за прекин на огнот во областа на самопрогласената „Луганска Народна Република“ (ЛНР) 31 пат во изминатите 24 часа.
Во соопштението не се наведува дали и колку лица се убиени или повредени, но според објавените информации, украинските сили употребиле минофрлачи со калибар 82 мм и 120 мм, противтенковски ракетни лансери СПГ-9 и рачни минофрлачи РПГ-7 и АГС-17, тешки митралези и артилериско оружје со калибар 122 мм, објавија руските медиуми.
Самопрогласената „Доњецка Народна Република“ (ДНР) денеска соопшти дека во украинското гранатирање е оштетена и важна водоводна станица.
Набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска соопштија дека забележале „спектакуларно зголемување“ на прекршувањата на примирјето во источна Украина, каде што проруските сепаратисти и украинските сили се во конфликт од 2014 година.
Забележан е огромен пораст на вооружените дејствија долж линијата на фронтот, се вели во соопштението на ОБСЕ, додавајќи дека сега има исто толку инциденти како и пред договорот потпишан во јули 2020 година за зајакнување на примирјето.
ОБСЕ во четвртокот забележал 222 прекршувања на прекинот на огнот на линијата на фронтот во регионот на Доњецк, кој е под контрола на проруските сепаратисти, вклучително и 135 „експлозии“, во споредба со 189 во средата и 24 во вторникот.
Во регионот Луганск, уште еден град во источна Украина што е под контрола на проруските сепаратисти, организацијата констатирала 648 прекршувања на примирјето во четвртокот, од кои 519 биле „експлозии“, во споредба со 402 во средата и 129 во вторникот.
ОБСЕ ги повика инволвираните страни строго да се придржуваат до своите заложби, да ги преземат сите неопходни мерки за смирување на тензиите и веднаш да работат на деескалација во корист на недолжните цивили од двете страни на линијата на фронтот кои продолжуваат да страдаат поради конфликтот, се наведува во соопштението.
ОБСЕ, организација чии членови се Русија и САД, распореди набљудувачка мисија во Украина во 2014 година, по руската анексија на Крим и почетокот на конфликтот меѓу силите во Киев и проруските сепаратисти во источна Украина.