Оштетувањата на рускиот гасовод „Северен тек 1“ можат да бидат поправени со опрема од специјализираното здружение за поправка на цевководи и подморска интервенција ПРСИ Пул – информираше денеска операторот, јавија дел од британските медиуми.
Операторот во понеделникот пријави ненадеен пад на притисокот во гасоводот, а Данска соопшти дека во Балтичкото Море истекува гас. Потоа е утврдено дека гас истекува и од „Северен тек 2“ и оти двата гасовода се оштетени на повеќе места.
Норд Стрим истакна дека при поправката може да се послужи со опрема од ПРСИ Пул.
Непрофитното здружение ПРСИ Пул им обезбедува на членките опрема за поправка на цевководи, основано е во 1987 година од норвешките компании Статоил и Норск Хидро на барање на норвешките власти.
Организацијата опфаќа дваесетина оператори што управуваат со цевководи со должина од 20.000 километри.
– Тоа е еден вид полиса за осигурување. Не сакате да ги трошите парите на тие работи, но, кога ќе ви затреба, сакате да функционира – појасни некогашниот директор на ПРСИ Пул, Јан Олав Берге.
Европската унија почна истрага поради истекувањето гас од два цевковода, велејќи оти се сомнева во саботажа.
Рускиот „Газпром“ кон крајот на август ги запре испораките гас преку „Северен тек 1“ поради, како што посочија, блокирање на турбината испратена на сервис на Сиеменс Енергија. Канада ја блокирала турбината поради санкциите против „Газпром“, но, потоа ја испратила во Германија.
Русија инсистира на достава на документација за сервисот на турбината и гасоводот беше затворен.
Германија пак, го блокираше отворањето на неодамна завршениот „Северен тек 2“ на почетокот на руската инвазија врз Украина