Фото: ЕПА

Постојаниот пораст на глобалните воени трошоци во последниве години е знак дека живееме во сè понебезбеден свет. Државите ја зајакнуваат воената сила како одговор на влошената безбедносна средина, за која тие не предвидуваат подобрување во блиска иднина…

Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) со нови информации за воените трошоци

Вкупните глобални воени трошоци се зголемија за 3,7 отсто во реални услови во 2022 година, за да достигнат ново високо ниво од 2.240 милијарди американски долари. Воените трошоци во Европа го забележаа својот најголем годишен пораст, ако се погледнат последниве 30 години. Според новите податоци за глобалните воени трошоци објавени од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), трите најголеми трошачи во 2022 година – САД, Кина и Русија – сочинуваат 56 отсто од вкупниот светски вкупен износ.

Конфликтот во Украина и тензиите во Источна Азија предизвикуваат
зголемени трошоци

Светските воени трошоци пораснаа осма година по ред во 2022 година на највисоко ниво од 2.240 милијарди долари. Убедливо најостриот пораст на трошоците (+13 отсто) е забележан во Европа и во голема мера се должи на руската и на украинската потрошувачка. Сепак, „воената помош за Украина и загриженоста за зголемената закана од Русија“, според извештајот, силно влијаеше на одлуките за трошење на многу други држави, како и тензиите во источна Азија.
– Постојаниот пораст на глобалните воени трошоци во последниве години е знак дека живееме во сè понебезбеден свет. Државите ја зајакнуваат воената сила како одговор на влошената безбедносна средина, за која тие не предвидуваат подобрување во блиска иднина – рече д-р Нан Тиан, виш истражувач во Програмата за воени трошоци и производство на оружје на СИПРИ.
Воените трошоци на државите во Централна и во Западна Европа изнесуваа вкупно 345 милијарди долари во 2022 година. Реално, трошоците на овие држави за првпат ги надминаа оние од 1989 година, кога завршуваше Студената војна, и беа за 30 отсто повисоки отколку во 2013 година. Неколку држави значително ги зголемија своите воени трошоци по почетокот на украинската војна во февруари 2022 година, додека други најавија планови за зголемување на нивото на трошоците во периоди до една деценија.
– Ситуацијата во Украина имаше непосредно влијание врз одлуките за воените трошоци во Централна и во Западна Европа. Ова вклучуваше повеќегодишни планови за зголемување на трошоците од неколку влади. Како резултат на тоа, разумно можеме да очекуваме воените трошоци во Централна и во Западна Европа да продолжат да растат во годините што следуваат – вели д-р Диего Лопес да Силва, виш истражувач во Програмата за воени трошоци и производство на оружје на СИПРИ.
Некои од најострите зголемувања се забележани во Финска (+36 отсто), Литванија (+27 отсто), Шведска (+12 отсто) и во Полска (+11 отсто).
– Иако конфликтот во Украина во февруари 2022 година секако влијаеше на одлуките за воените трошоци во 2022 година, загриженоста се зголемува многу подолго. Многу држави од поранешниот источен блок ги зголемија повеќе од двојно своите воени трошоци од 2014 година, годината кога Русија го анектираше Крим – изјави Лоренцо Скарацато, истражувач во Програмата за воени трошоци и производство на оружје на СИПРИ.

Остра нагорна линија на трошоците за оружје во Украина и Русија

Руските воени трошоци пораснаа за околу 9,2 отсто во 2022 година, на околу 86,4 милијарди долари. Ова беше еквивалентно на 4,1 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) на Русија во 2022 година, од 3,7 отсто од БДП во 2021 година.
Бројките објавени од Русија кон крајот на 2022 година покажуваат дека трошоците за националната одбрана, најголемата компонента на руските воени расходи, веќе биле 34 отсто повисоки, номинално, отколку во буџетските планови изготвени во 2021 година.
– Разликата меѓу буџетските планови на Русија и нејзините реални воени трошоци во 2022 година сугерира дека војната во Украина ја чини Русија многу повеќе отколку што очекуваше – рече д-р Луси Беро-Судро, директор на Програмата за воени трошоци и производство на оружје на СИПРИ.
Воените трошоци на Украина достигнаа 44 милијарди американски долари во 2022 година. Со 640 отсто, ова беше највисокото едногодишно зголемување на воените расходи на една земја забележано во податоците на СИПРИ. Како резултат на зголемувањето и штетите поврзани со војната за украинската економија, воениот товар (воените трошоци како дел од БДП) се искачи на 34 отсто од БДП во 2022 година, од 3,2 отсто во 2021 година.

Трошоците на САД се зголемуваат и покрај високата инфлација

Соединетите Американски Држави остануваат убедливо најголем воен потрошувач во светот. Воените трошоци на САД достигнаа 877 милијарди долари во 2022 година, што беше 39 отсто од вкупните глобални воени трошоци и три пати повеќе од износот потрошен од Кина, вториот најголем трошач во светот. Реалното зголемување од 0,7 отсто на трошоците на САД во 2022 година ќе беше уште поголемо да не беа највисоките нивоа на инфлација од 1981 година.
– Зголемувањето на воените трошоци на САД во 2022 година во голема мера се должи на невиденото ниво на финансиска воена помош што ѝ ја обезбеди на Украина. Со оглед на обемот на трошоците на САД, дури и мало зголемување во проценти има значително влијание врз нивото на глобалните воени трошоци – објаснува д-р Нан Тиан.
Американската финансиска воена помош за Украина изнесуваше вкупно 19,9 милијарди долари во 2022 година. Иако ова беше најголемиот износ на воена помош дадена од која било земја на еден корисник во која било година од Студената војна, таа претставуваше само 2,3 отсто од вкупните воени трошоци на САД. Во 2022 година, САД доделија 295 милијарди долари за воени операции и одржување, 264 милијарди долари за набавка и истражување и развој и 167 милијарди долари за воен персонал.

Континуирано зголемување на трошоците и во Азија и Океанија

Комбинираните воени трошоци на земјите во Азија и Океанија беа 575 милијарди долари. Ова беше 2,7 отсто повеќе отколку во 2021 година и 45 отсто повеќе отколку во 2013 година, продолжувајќи го непрекинат нагорен тренд што датира од најмалку 1989 година.
Кина остана вториот најголем воен потрошувач во светот, издвојувајќи околу 292 милијарди долари во 2022 година. Ова беше 4,2 отсто повеќе отколку во 2021 година и 63 отсто повеќе отколку во 2013 година. Воените трошоци на Кина се зголемуваат 28 последователни години.
Јапонските воени трошоци се зголемија за 5,9 отсто помеѓу 2021 и 2022 година, достигнувајќи 46 милијарди долари, или 1,1 отсто од БДП. Ова беше највисокото ниво на јапонски воени трошоци од 1960 година. Новата стратегија за национална безбедност објавена во 2022 година поставува амбициозни планови за зголемување на воената способност на Јапонија во наредната деценија како одговор на согледаните растечки закани од Кина, Северна Кореја и од Русија.
– Јапонија претрпува длабока промена во својата воена политика. Повоените ограничувања што Јапонија ги наметна на нејзините воени трошоци и воени капацитети се чини дека се олабавуваат – рече Ксијао Лианг, истражувач во Програмата за воени трошоци и производство на оружје на СИПРИ.

Други позначајни воени вложувања на држави во светот

Реалното зголемување на светските воени трошоци во 2022 година беше забавено од ефектите на инфлацијата, која во многу земји се искачи на нивоа невидени со децении. Номинално (т.е. во тековните цени без приспособување за инфлацијата), глобалниот вкупен раст се зголеми за 6,5 отсто.

Индија: Воените трошоци на Индија од 81,4 милијарда долари беа четврти највисоки во светот. Тоа беше за 6,0 отсто повеќе отколку во 2021 година.

Саудиска Арабија: Во 2022 година, воените трошоци на Саудиска Арабија, петтиот најголем воен трошач, се зголемија за 16 отсто и достигнаа околу 75,0 милијарди американски долари, што е негово прво зголемување од 2018 година.

Нигерија: Воените трошоци на Нигерија паднаа за 38 отсто на 3,1 милијарди долари, по 56 отсто зголемување на трошоците во 2021 година.

Етиопија: Воените трошоци на Етиопија се зголемија за 88 отсто во 2022 година, достигнувајќи 1,0 милијарда долари. Зголемувањето се совпадна со обновената владина офанзива против Ослободителниот фронт на народот Тигре на северот на земјата.

НАТО: Воените трошоци на членките на НАТО изнесуваа вкупно 1.232 милијарди долари во 2022 година, што беше за 0,9 отсто повеќе отколку во 2021 година.

Велика Британија: Обединетото Кралство имаше највисоки воени трошоци во Централна и во Западна Европа со 68,5 милијарди долари, од кои околу 2,5 милијарди долари (3,6 отсто) беа финансиска воена помош за Украина.

Турција: Во 2022 година, воените трошоци на Турција се намалија трета година по ред, достигнувајќи 10,6 милијарди долари – намалување од 26 отсто во однос на 2021 година.