Основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, предупреди дека руската позиција во Бахмут е загрозена доколку неговите трупи не добијат муниција, што се толкува како знак за тензија помеѓу Кремљ и водачот на приватната платеничка група, пренесува „Ројтерс“.
– Засега, се обидуваме да сфатиме дали станува збор за обична бирократија или за предавство – кажал Пригожин во однос на отуството на муниција, беше објавено на каналот на неговата прес-служба на Телеграм.
Пригожин во повеќе наврати го критикуваше руското воено водство и генералите. Минатиот месец тој ги обвини министерот за одбрана Сергеј Шојгу и други членови на военото водство за предавство поради ускратување на снабдувањето на муниција за неговите борци.
Во речиси четириминутното видео објавено на телеграм-каналот на т.н. Оркестар на Вагнер“, Пригожин истакна дека неговите трупи се загрижени оти власта сака да ги претстави како жртвени јагниња.
– Ако „Вагнер“ сега се повлече од Бахмут, целиот фронт ќе падне. Ситуацијата нема да биде слатка за сите воени формации што ги штитат руските интереси – порач Пригожин.
Евентуална руска победа во Бахмут би се сметала за прва голема придобивка во скапата зимска офанзива. Руските власти сметаат дека успехот во градот во источна Украина би претставувал и поттик за ставање под контрола на индустрискиот регион Донбас, што е означено како една од главните цели.
Командантот на украинските трупи во Бахмут, Володимир Назаренко, соопшти дека досега не стигнала наредба за повлекување, односно дека одбрната на градот уште се опира, во тешки услови.
– Ситуацијата во Бахмут и околината е налик на пекол, како и на целиот источен фронт – истакна Назаренко во видеоснимка објавена на Телеграм.
Украинската војска утринава информираше дека нејзините сили одбиле 95 непријателски напади во обидот на Русите да го опколат Бахмут, во текот на претходниот ден. Украинските воени власти и аналитичари тврдат и дека водстото на руската 155-та бригада што се бори јужно од Бахмут се спротивставиле на наредбите за напад по големи претрпени загуби, со што нема потврда за ваквите информации од бојното поле.
Институтот за проучување на војната од Вашингтон во последната проценка на состојбата на теренот, наведе дека се чини оти украинските сили се повлекуваат, војувајќи со ограничен капацитет.