Бугарската рафинерија за нафта во Бургас / Фото: ЕПА

Неефикасноста на Европската Унија да го запре протокот на милијарди што Русија ги заработува од извозот на енергија, во последно време е во фокусот на истражувањата на западните економски експерти. Приближно една година по усвојувањето на првичните санкции беа лоцирани „многу правни пропусти за санкциите“, кои, пак, беа и дополнети со „лошото спроведување на мерките/санкциите“, како и со „растечката паралелна трговија со нафта на Москва“. Според западните експерти и нивното образложување во западните медиуми за потфрлањето на санкциите, „токму Западот го одржуваше протокот на приходите кон Москва од фосилните горива и го полнеше нејзиниот буџет“. Прашање е само дали тоа беше направено намерно и со знаење, заради некакви други цели на влијателни кругови од Западот, или тоа се одвиваше поради небрежност и лошо планирање и реализација на ембаргото?

Како токму санкциите на Западот ја поттикнаа трговијата со руска нафта?

Според повеќе реномирани западни медиуми, „заработката на Русија од извозот на нафта е намалена за само 14 отсто по воведувањето на рестрикциите. Но во октомври, приходите од фосилни горива на Русија достигнаа највисоко ниво во последните 18 месеци“. Вака експлицитно пишуваат повеќе западните медиуми, кои потпирајќи се на анализи на економски експерти, се осврнуваат на ефектите од воведување на санкциите кон Русија.

Случајот „Бугарија“

На почетокот на август, бугарските власти забележаа нешто за кое не беа сигурни дека е легално. Во земјата се слеваа барели руска нафта, а цената беше над границата од 60 долари што ја поставија сојузниците за да ја лишат Москва од приходите за војната во Украина.
Бугарија беше во необична позиција во однос на своите партнери. Доби изземање од санкциите на Европската Унија со кои се забранува најголемиот дел од увозот на руска нафта. „Политико“ ја пренесува содржината од електронската комуникација од 4 август годинава, меѓу царинските службеници во Софија и претставниците на ЕУ, во која се наведува дека „суровата нафта увезена врз основа на овие отстапувања не мора да биде на или под 60 долари за барел“. Откако доби зелено светло, Бугарија продолжи да увезува руска сурова нафта по цена над плафонот од август до октомври. Вредноста од тримесечната „трговија“ изнесува 640 милиони евра, според пресметките на Центарот за истражување на енергија и чист воздух (ЦРЕА).
Последниот пакет санкции на ЕУ, што требаше да биде финализиран на последниот самит на европските лидери, главно се фокусира на административните приспособувања, за што експертите велат дека нема да го спречи широкораспространето затајување на санкциите.
– Целиот механизам за санкции функционира само ако продолжите редовно да донесувате одлуки што ги затвораат дупките и воведуваат нови санкции. Секој има способност да се приспособи, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за „Политико“.
Кога ЕУ воведе ограничување на цената за земјите од Г7, официјалните лица им забранија на транспортните компании и осигурителните компании од ЕУ да шверцуваат руска нафта над прагот од 60 долари во земји надвор од ЕУ. Но официјалните лица никогаш не помислиле да наметнат слични правила за пратките во земјите на ЕУ, делумно затоа што Брисел го забрани увозот на руска сурова нафта по морски пат. Користењето на заобиколниот пат значеше милиони дополнителни приходи за Москва. Според ЦРЕА, заработката од извозот на руска нафта во Бугарија во периодот меѓу август и октомври – од кои една третина доаѓа од продажба над плафонот на цената – донела околу 430 милиони евра директни даночни приходи за Кремљ.
– Излезе дека Бугарија ѝ помогна на Русија да ја искористи оваа очигледна дупка за да ги зголеми буџетските приходи од продажбата на нафта без никаква очигледна корист за бугарските потрошувачи – рече Мартин Владимиров, висок аналитичар во софискиот центар за нафтени студии.
Увозот на сурова нафта на „Лукоил“ во Бугарија генерира повеќе од две милијарди евра приход од извозот за Русија откако санкциите стапија во сила во февруари, покажува новата анализа на ЦРЕА и ЦСД. Кремљ заработил една милијарда евра од директни даноци на продажба, откри „Политико“ во ноември.
– Бугарскиот случај укажува на една од многуте дупки во законот, кои ги прават санкциите помалку ефикасни во намалувањето на руската заработка – рече Исак Левиј, кој го предводи тимот на ЦРЕА Русија-Европа.

Како беше можно да се заобиколат санкциите!?

Во октомври, извештај нарачан од Европскиот парламент покажа дека спроведувањето на санкциите на ЕУ е фрагментирано кај над 160 локални власти. Тоа значи дека е можно да се заобиколат санкциите! Дури и оние што се вклучени во испораката на нафта имаат само ограничен пристап до трговските информации, посочува Виктор Катона, главен аналитичар за сурова нафта во фирмата за истражување на пазарот Кплер.
Претстојниот 12-ти пакет санкции на ЕУ се обидува да го реши овој проблем со нови правила, кои ги принудуваат трговците да специфицираат конкретни цени. Целта е да се спречат купувачите да купуваат руска нафта над лимитот, а потоа да ги скријат дополнителните трошоци како такси за осигурување или транспорт. Но малкумина во индустријата имаат големи надежи дека дополнителната документација ќе спречи заобиколување на санкциите. Неколку земји од ЕУ со големи транспортни индустрии, исто така, не сакаат да ја заострат границата на цените, што ги прави работите уште покомплицирани. За време на последната рунда санкции, Кипар, Малта и Грција повторно изразија загриженост поради повиците за заострување на ограничувањата, изјавија двајца дипломати на ЕУ, кои сакаа да останат анонимни.
Дипломат од голема поморска земја на ЕУ рече дека построгите санкции само ќе ја принудат Русија да користи повеќе незападни транспортери за испорака на нафта. Наместо тоа, тврди дипломатот, фокусот треба да биде на проширување на земјите што се придржуваат до ограничувањата на цените.
Во исто време, земјите од ЕУ продолжуваат да дозволуваат руските нафтени товари да минуваат низ нивните води на пат кон други дестинации. Истражувањето на ЦРЕА покажа дека 822 брода со сурова нафта од Москва го префрлиле својот товар на друг брод во територијалните води на ЕУ – повеќето во грчките води, но и во водите на Малта, Шпанија, Романија и Италија – од почетокот на нафтените санкции во декември минатата година. Количествата беа еквивалентни на 400.000 барели дневно.
Портпаролот на Европската комисија ги бранеше санкциите на ЕУ, истакнувајќи дека Русија била принудена да потроши милијарди долари за да се приспособи на новата реалност, вклучувајќи и нови танкери и инфраструктура за екстракција и извоз на нафта, бидејќи побарувачката на Западот паднала.
– Ова предизвика сериозни и трајни економски и политички последици – изјави портпаролот на Европската комисија. И ЦРЕА откри дека ограничувањето на цената на нафтата го лишило Кремљ од 34 милијарди евра приход од извозот, што е еквивалентно на околу два месеца заработка оваа година. Наместо да прифати строги правила дизајнирани да ги осакатуваат нејзините финансии, Москва започна трка да ги заобиколи санкциите барајќи дупки, во она што еден висок украински функционер го опиша како „стратегија за лебарки“.
За да се осигури дека може да ги продава своите фосилни горива по секоја цена, Русија одлучи да создаде паралелен пазар за поморство, така што се појави „флота во сенка“ од застарени танкери, кои работат тајно преку мрежа на компании, кои ја прикриваат нивната сопственост, често тргувајќи со товари со гориво со други бродови на море.


Турција „заштеди“ две милијарди долари од увозот на руска енергија

Две милијарди американски долари заштедиле компаниите и потрошувачите од Турција во 2023 година на сметки за енергија и снабдување со гориво поради увозот на енергетски ресурси со намалена цена од Русија. Турција стана голем увозник на руска енергија по почетокот на војната во Украина, која ги принуди европските земји да го прекинат најголемиот дел од нивниот увоз на руска нафта и гас.
Кина и Индија увезуваа поголеми количества стоки од Русија отколку Турција, но близината на Анкара до руските пристаништа ги намали транспортните трошоци, дозволувајќи им на турските потрошувачи да заштедат повеќе од другите.
Испораките на руската сурова нафта од Урал во Турција достигнаа историски максимум од 400.000 барели дневно во ноември 2023 година, што претставува околу 14 отсто од вкупниот извоз на нафта на Русија преку море тој месец.
Се очекува дека испораките за Турција ќе се зголемат во наредните месеци откако рускиот производител на нафта „Лукоил“ потпиша договор со државната азербејџанска нафтена компанија СОКАР за рафинирање до 200.000 барели дневно во рафинеријата СТАР во Турција, во сопственост на азербејџанскиот компанија.
Од јануари до ноември годинава увозот на руски дизел, нафта за греење, авионско гориво и гориво за резерви во Турција е зголемен за 200 отсто во споредба со истиот период лани.
– Турција плаќа од 25 до 150 долари помалку за тон за руски дизел оваа година во споредба со цените што ги нудат другите доставувачи во регионот – објави „Ројтерс“. Во случајот со нафтата, попустите се движат од 5 до 20 долари за барел.
Анкара не се приклучи на западните санкции наметнати врз Москва како одговор на воените дејства во Украина.

Подготвил: Митко Јовановски