За крупните надворешнополитички прашања, републиканците и демократите имаат многу повеќе сличности отколку разлики

Според повеќе аналитичари, надворешната политика е една клучна област што, најверојатно, нема да претрпи посериозни промени. Покрај реалноста дека Конгресот е многу пополаризиран отколку што беше порано, републиканците и демократите се извонредно меѓусебно усогласени во гледиштата за денешните најгорливи меѓународни прашања

Како ќе се одразат резултатите од конгресните избори во американската надворешна политика

Во САД неодамна се одржаа конгресните избори. Според првичните резултати од пребројувањето на гласовите, републиканците освоија најмногу места во Претставничкиот дом, додека демократите добија многу тесна предност во Сенатот.
Дали ова значи дека во надворешната политика на САД може да се наѕрат некакви политички промени или, попрецизно кажано, обиди за промена во политиките?
Според повеќе аналитичари, надворешната политика е една клучна област што, најверојатно, нема да претрпи посериозни промени. Покрај реалноста дека Конгресот е многу пополаризиран отколку што беше порано, републиканците и демократите се извонредно меѓусебно усогласени во гледиштата за денешните најгорливи меѓународни прашања.

Политиката на САД кон Кина

Администрацијата на Доналд Трамп воведе нова ера на политиката кон Кина, фокусирајќи се пред сè на економскиот аспект. Пратениците во двете партии имаа принципиелни, основани грижи за Кина, но тие исто така го пресликаа јавното мислење во САД. Претседателот Џо Бајден ги задржа повеќето мерки поттикнати од Трамп и презеде поопсежен пристап кон Кина. Но, на пример, Бајден предложи олабавување на одредени царини за Кина, потег што би можел да се спроведе без премногу противење од Конгресот, со оглед на тоа што би ја имал поддршката на многу републиканци. Меѓутоа, широката поддршка од другиот политички табор во напорите за спротивставување на Кина, најверојатно ќе биде општо правило во новиот Конгрес, со тоа што дебатите ќе се ограничат на помали тактички прашања во врска со прецизниот обем, опсег и методи на одредени предлози. Овој феномен, исто така, ќе биде дополнет со доза супериорност, при што малкумина се подготвени да ризикуваат да заземат позиции што би можеле да ги изложат на обвинувања дека се „меки“ кон Пекинг.

Политиката на САД кон Русија и Украина

Откако започна конфликтот во Украина во февруари, Конгресот усвои 66 милијарди долари помош со голема двопартиска поддршка. Овие гласови за поддршка ги вклучија не само лидерите во надворешната политика во Конгресот, кои беа цврсти во нивната непоколеблива поддршка за Украина и честопати го ставаа конфликтот во поширок контекст на одбраната на светскиот поредок, туку и најголемиот дел од обичното членство во двете партии.
Но целата приказна е посложена. Во она што беше најјасниот неодамнешен барометар за поддршка за помошта за Украина, поточно гласањето за дополнително ослободување на 40 милијарди долари донесено во мај, една четвртина од републиканците во Претставничкиот дом и една петтина од републиканците во Сенатот гласаа „против“. Повеќето ги наведоа фискалните грижи, заедно со аргументот дека постојаното финансирање на Украина е грешка затоа што САД се соочуваат со многу итни прашања дома.
Ова беа рани знаци за зголемување на негодувањето за помош за Украина меѓу сегашните републикански членови. Кевин Мекарти е републикански претставник од Калифорнија и малцински лидер во Претставничкиот дом, кој, доколку се остварат прогнозите, најверојатно ќе стане негов претседател во јануари. Тој во октомври порача дека нема да има „бланко-чек“ за Украина додека „американскиот народ е во рецесија“. Исто така, второ и треторангирани членови на раководството на Претставничкиот дом одбија да кажат дали републиканското мнозинство во Претставничкиот дом ќе продолжи да ја поддржува помошта за Украина.
Во меѓувреме, Конгресната прогресивна група го објави, а потоа брзо го повлече писмото во кое повикува на директна дипломатија со Москва за Украина. Набљудувачите првично го сфатија потегот како знак дека недостиг од поддршка за Украина може да се јави и на левата страна, но по повлекувањето на писмото се чини дека посветеноста на демократите за ова прашање и поддршката за Белата куќа остануваат цврсти. Ова, пак, ја враќа топката во Претставничкиот дом на републиканците. Ако, и останува големо ако, се зголеми бројот на претставници што се против обезбедувањето помош за Украина и порасне до точка каде што станува вистински проблем за претседателот, тогаш Мекарти ќе мора да направи избор. Тој не сака јавно да избие битка меѓу таа фракција и значителниот контингент поддржувачи на Украина, вклучувајќи и голем број моќни претседатели на комитети. Веројатниот исход би бил компромис, како што се поголем надзор и контрола на финансирањето, но не би имало реално намалување на финансиската поддршка. Но ова сценарио може да стане потешко во зависност од тоа како се води дебатата.

За најголемите надворешнополитички прашања има многу повеќе сличности отколку разлики

Очигледно, има десетици други прашања за надворешната политика и во никој случај не е сè сјајно. Сериозни меѓународни предизвици има многу, од кои за повеќето лесно би можело да избувне отворена конфронтација во Конгресот. Но за најголемите надворешнополитички прашања има многу повеќе сличности отколку разлики меѓу носителите на одлуки во Конгресот во двете партии. Многу луѓе ќе го сфатат ова како добра вест, особено во моментот кога толку многу Американци се фаќаат за какво било привидно единство. Но моментите на усогласеност може да бидат и моменти што бараат поголема претпазливост. Потешко е да се креираат добро избалансирани политики во отсуство на значајни конфликти меѓу различни перспективи, а лидерите треба да го запомнат ова додека се формира новиот Конгрес.