Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека лидерите на Северноатлантската алијанса нема официјално да ја поканат Украина да стане нивна членка, на самитот во Вилнус, Литванија, на 11 и 12 јули.
– На самитот во Вилнус, но и за време на подготовките за самитот, нема да разговараме за официјалната покана, изјави Столтенберг по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин – пренесуваат британските медиуми.
Тој додаде дека лидерите ќе разговараат како Украина да се приближи до членството во НАТО.
Генералниот секретар предупреди дека е против прифаќање на статусот на замрзнат конфликт во Украина.
– Сакаме крај на војната, но мирот не може да значи замрзнување на конфликтот и прифаќање на договор диктиран од Русија – рече Столтенберг.